Украинскиот претседател Володимир Зеленски воведе санкции против поранешниот советник во неговиот кабинет, Олексиј Арестович, соопштија денеска официјални извори. Според декретот на претседателот, санкциите вклучуваат блокирање на средствата и имотот на Арестович во Украина, конфискација на државните награди и одликувања, како и суспензија на сите трговски операции и транзит на ресурси, летови и транспорт низ територијата на Украина, пренесува „Униан“.
Како што јавува „Политика“, повикувајќи се на агенцијата „Танјуг“, за одредени мерки, санкциите се воведени на неопределено време, додека за други ќе траат десет години. Олексиј Арестович поднесе оставка во јануари 2023 година, откако изјави дека уривањето на станбена зграда во Дњепропетровск било резултат на дејствување на украинските системи за воздушна одбрана, а не на руски напад.
Изјавата предизвика жестоки реакции во јавноста, а дел од украинските политичари и воени претставници го обвинија за велепредавство, а други побараа негова оставка.