Porsche официјално потврди дека нивните планови вклучуваат хибридна верзија на 911.
Идниот бензински-електричен спортски автомобил е само една од неколкуте планирани иновации, вклучително и голем електричен SUV кој ќе биде над Cayenne во линијата на Porsche.
„Одлучивме дека ќе има некаква хибридна верзија за 911. Бевме во можност да го тестираме опширно минатата година и сме прилично импресионирани од возноста и управувањето. Веруваме дека му претстои голема иднина“, откри шефот на Porsche, Оливер Блуме.
Сепак, сè уште нема информации кога всушност ќе го видиме првиот сериски хибрид 911, иако некои гласини сугерираат дека следниот GT2 RS е еден од хибридите кои се во план.
Моторот со шест цилиндри засега е безбеден бидејќи во моментов не е планиран електричен 911.
„911 ќе се нуди како автомобил [мотор со внатрешно согорување] што е можно подолго“, нагласи Блуме.
Дополнително, германската компанија останува решена да ги испорача првите примероци на електричниот Macan во текот на 2024 година. Неговиот развој е во тек, а прототипите се забележани и камуфлирани ширум светот неколку пати, иако лансирањето беше одложено поради софтверски проблеми.
Од Porsche исто така потврдија дека наследникот на Cayenne ќе биде електричен SUV, но конкретни детали за овој модел се уште не се објавени.
Пред тоа, сегашниот Cayenne ќе помине низ „една од најсеопфатните модификации во нашата историја“ во текот на 2023 година, велат директорите. Списокот на промени ќе вклучува нова шасија и три plug-in хибридни погонски единици дизајнирани за поголем опсег само на електрична енергија.
Што се однесува до големиот SUV кој ќе биде позициониран над Cayenne во гамата на Porsche, станува збор за модел со кодно име K1 кој, според компанијата, го илустрира она што се нарекува „нов концепт на возило“. Ќе биде изграден на платформа наречена SSP Sport, и ќе нуди „силни перформанси, автоматизирани функции за возење и целосно ново искуство внатре“.
K1 е развиен првенствено за американскиот и кинескиот пазар. „Во овој сегмент гледаме на растечки профитни фондови, особено во Кина и САД“, рече Блуме.
Конечно, електричната серија 718 ќе биде достапна од средината на деценијата.
Сè на сè, гамата на електрични модели на Porsche ќе сочинува 80 отсто од нивното вкупно производство до 2030 година.