Porsche хиперавтомобилот нема да биде лансиран во догледна иднина

од Vladimir Zorba
237 прегледи

Извршниот директор на Porsche, Оливер Блуме, сугерира дека новиот хиперавтомобил на Porsche нема да биде лансиран во догледна иднина.

Во изјава за магазинот CAR, директорот рече дека „хиперавтомобилот е секогаш дел од стратегијата на Porsche“ и дека новиот ќе биде претставен само „кога ќе биде вистинското време“.

54-годишниот извршен директор, исто така, рече дека моделот треба да го заработи статусот на хиперавтомобил со воведување нови технологии за создавање на премиум производ. Блуме додаде дека „хиперавтомобилите ќе играат улога за Porsche во иднина. Но, тоа сè уште не е решено“. Тој истакна дека сигурно нема да пристигне пред средината на деценијата.

Како што одминуваат годините, веројатноста хиперавтомобилот да има бензински мотор со голема зафатнина се намалува. 918 Spyder беше претставен во производна форма пред речиси една деценија со plug-in хибриден погон, па се очекува и неговиот наследник да биде електрифициран.

Останува да видиме дали сепак ќе има V8 или можеби шестцилиндричен, освен ако Porsche целосно не го прескокне бензинскиот мотор и не развие целосно електричен погон.

Porsche проценува дека повеќе од 80 отсто од неговата годишна продажба до 2030 година ќе бидат електрични возила.

Слични содржини