Главниот акционер на Volkswagen (VW), холдинг компанијата Porsche SE, предупреди дека може да ја отпише вредноста на својот удел во најголемиот европски производител на автомобили до 20 милијарди евра, што покажува колку кризата во VW ја разнишала довербата на инвеститорите.
VW се соочува со високи трошоци, азиска конкуренција и преговори со синдикатите околу плановите за намалување на платите и затворање на некои фабрики.
Porsche има 31,9 отсто од акциите на VW и 53,3 отсто од гласачките права. Отписот, како што објави Ројтерс, може да изнесува од седум до 20 милијарди евра.
Пресметано врз основа на моменталната пазарна капитализација, уделот на Porsche е 14,3 милијарди евра.
Поради тензичните преговори со синдикатите, VW не можеше да го заврши финансиското планирање за тековната финансиска година, па Porsche мораше да се потпре на очекувањата на аналитичарите во своите проценки.
Porsche SE, холдинг-компанијата на семејствата Порше и Пич, исто така најави дека може да ја намали вредноста на својот 12,5 отсто удел во Porsche AG, кој произведува луксузни автомобили, за една до две милијарди евра.
Сите овие проценки се груби пресметки, според холдингот, бидејќи пазарното опкружување е полно со неизвесност, а побарувачката е помала од првично очекуваното поради геополитичките тензии и аспирациите за протекционизам.
Дивидендата на Volkswagen, која е еден од најважните извори на приход за Porsche SE, би можела да падне на 6,75 евра оваа финансиска година од девет евра претходната година, според проценката на финансиската компанија London Stock Exchange Group.