Порше Аутомобиле Холдинг и Дојче Телеком се во разговори за тоа да бидат главни инвеститори во новиот фонд за ризичен капитал фокусиран на европските компании за одбранбена технологија, кој се обидува да собере 500 милиони евра (586 милиони долари).
Новиот фонд ќе го води ДТЦП, инвестициска фирма со седиште во Хамбург, која некогаш беше дел од Дојче Телеком, додека не беше одвоена пред десет години, велат инсајдери за Блумберг. Големината и составот на фондот сѐ уште може да се промени, наведоа тие.
Семејството Порше го шири инвестициското портфолио
Порше, холдинг компанија на семејството милијардери што ги контролира производителите на автомобили Порше и Фолксваген, во средата соопшти дека формира фонд за вложување во одбранбената индустрија, надевајќи се дека ќе го искористи растот на европската воена потрошувачка. За да го стори тоа, компанијата го укина претходниот услов – дека може да вложува само во фирми кои развиваат технологија со двојна намена, со цивилна и воена примена.
Инвеститорите во ризичен капитал во Европа сѐ повеќе инвестираат во одбраната, откако ЕУ одвои стотици милијарди евра за повторно вооружување, поттикнати од војната во Украина и сомнежите за посветеноста на САД на НАТО.
Инвестициски фирми, вклучувајќи ги Лејкстар, Тикехау Капитал и ЦВЦ Капитал Партнерс присобираат пари и формираат тимови за да бараат зделки во секторот што долго беше непопуларен поради етичките и деловните ограничувања.
САД предничеа поради законодавството
Дури и со новата активност, европските одбранбени стартапи сѐ уште многу се потпираат на американското финансирање за својот раст, делумно затоа што регулативите за вложување во оружје традиционално го спречуваа приливот на капитал во секторот. Ова почнува да се менува, бидејќи јавните финансиски институции како што се European Investment Fund (Европскиот инвестициски фонд) и KfW неодамна ги ублажија своите правила.
Порше веќе има постоечко партнерство со ДТЦП. Компанијата вложи средства во фондот за развој на капитал на ДТЦП во 2023 година, а минатата година двете компании го основаа фондот за ризичен капитал Incharge Capital Partners, во кој инвеститор е и Дојче Телеком.
Порше и ДТЦП инвестираа во двонаменската технологија на германскиот производител на дронови Quantum Systems, кој во мај успешно собра средства, со проценка на вредноста на компанијата повеќе од милијарда долари. Дојче Телеком е главниот инвеститор во ДТЦП.