Портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ се повлекоа од предлог-листите за членови на УО на Водовод и ЈСП

од Берта Китинска
325 прегледи

Портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, Димче Арсовски и Наум Стоилковски, кои се најдоа на листата со предлози за членови во управни одбори на јавни претпријатија и институции под надлежност на Град Скопје соопштија дека се повлекуваат од предложените листи од принципиелни причини.

Стоилковски, информираше дека се повлекува од предлогот да биде член на Управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

„Ја следам возбуденоста во СДСМ поврзано со моето име и сметам дека тоа повеќе се однесува на стравот дека од внатре на ЈСП ќе го видам и јавно ќе го објавам целиот криминал во компанијата и, секако, за планот за БРТ. Иако го имам целиот потребен кредибилитет да бидам дел од УО на ЈСП, верувам во принципи за разлика од партиските членови на СДСМ. Нема трговија со принципи, ниту со претпријатија“, напиша во фејсбук-статусот Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Митева преку својот Фејсбук профил напиша дека во нејзиниот начин на дејствување немало двојни принципи, ниту ќе има во иднина.

„Интегритетот е нешто што нема цена! Стојам зад тоа со целиот свој професионален начин на дејствување од почетокот и така ќе остане до крајот.СДСМ ги гледа функциите во државава како начин за печалење пари, за криминал, јас бев силно уверена дека ќе го извадам криминалот на ЈП ‘Водовод’ на виделина, ќе ѝ образложев на јавноста како се склучувале договори за изградба на водоводна мрежа на ‘Варшавска’ итн…Но ќе дадев и свој личен пример како со домаќинско работење се доаѓа до успех. Но, нема да му го овозможам задоволството на СДСМ да си држи пресови со намера да фрли црна дамка врз мене, затоа се заблагодарувам на довербата, но барам предлогот за мене да биде повлечен. А кој и да биде член на управниот одбор јавно го повикувам да ми ги каже криминалите, па јас ќе продолжам на прес!!!Јавните претпријатија ќе бидат првиот доказ за тоа во каква була ја однесовте Македонија!“, напиша Митева.

И Арсовски побара да биде отстранет од предлог-листата за член на УО.

„Да, предложен сум за член во УО на ЈП Водовод и сметам и сум сигурен дека имам доволно знаење, дигнитет, кредибилитет, чесност во мене и волја да учествувам во домаќинско менаџирање на оваа институција, но и да се заложам да се работи транспарентно и јавноста да знае што се работи, но и што се работело претходно, обелоденувајќи го целиот криминал. Но, гледајќи ја целата оваа паника, страв и оцрнување на моето име на социјалните мрежи од партиските апаратчици и оние поддржувачи, а дел и креатори на криминал и корупција во институциите, сакам јавно да известам дека барам да бидам отстранет од предлог-листата за член на УО, од едноставна причина, што нема да дозволам стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на моето име и семејство, но и ВМРО-ДПМНЕ, чии кадри работат чесно и искрено откако се на функциите“, напиша Арсовски.

Слични содржини