Португалија денеска почна со примена на тридневна забрана за влез во шумите, со цел да се спречат можните пожари.
Оваа одлука во петокот ја донесе владата во Лисабон, бидејќи Португалија е во период на сериозна суша, а неколку разорни пожари ја зафатија земјата ова лето, пренесе АП.
На броевите на мобилните телефони на сите жители на Португалија им е испратена порака со предупредување за исклучително голема опасност од избувнување шумски пожари додека земјата се подготвува за третиот топлотен бран ова лето.
Португалија повторно е во состојба на приправност, откако метеоролозите за следните денови најавија температури до 38 Целзиусови степени и силни ветрови.
Во пораката сите жители од руралните делови на земјата се предупредени да се воздржат од секакво палење оган на отворено. Истовремено владата го ограничи пристапот до шумите и забрани користење уреди и машини за да се избегне било каква искрење кое може да предизвика пожар.