Португалија ќе почне да ги оданочува криптовалутите, најави португалскиот министер за финансии, Фернандо Медина.
Владата во Лисабон се уште не се обврзала на датумот на кој ќе стапат на сила промените во даночното законодавство, пренесе „Cointelegraph“.
Воведувањето данок на приходите од криптовалути беше поддржано од државниот секретар за оданочување, Антонио Мендоза Мендес.
Специфичните стапки по кои ќе се оданочуваат сè уште се нејасни. Данокот ќе се наплаќа на добивката од инвестициите во криптовалути. Со ова би се променил даночниот закон создаден во 2016 година, според кој добивката од дигиталните валути не се оданочува, бидејќи тие не се прифаќаат како законско средство за плаќање во земјата.
Минатата недела, министерот за финансии Фернандо Медина му рече на парламентот дека неговото оправдување за данокот доаѓа од споредувањето на Португалија со други земји кои веќе имаат слични системи за оданочување на профитот на крипто-индустријата. Тој, исто така, истакна дека нема смисла имотот што генерира капитална добивка да не се оданочува.
Сепак, тој објасни дека нема намера да наметне задушувачка даночна стапка на секторот и дека е важно да се создаде и имплементира систем кој го прави оданочувањето „соодветно“, но без „намалување на приходите на нула, бидејќи тоа би било спротивно на целta, за која е воведен“.
Според државниот секретар за оданочување Антонио Мендонса Мендес, оданочувањето на криптовалутите е покомплексно од повеќето други средства, бидејќи не постои универзална дефиниција за криптовалути.
Досега Португалија важеше за даночен рај од крипто инвеститорите. Земјата нуди дури и виза за постојан престој, позната како „Златна виза“, бидејќи на своите сопственици им обезбедува посебни даночни олеснувања и начин да го забрзаат државјанството.
Програмата беше лансирана како средство за привлекување странски инвеститори.