Денес ќе се потпише договорот за соработка и договорот за утврдување на висината на надоместоците за вршење услуги во Пошта, помеѓу АД „Пошта на С.Македонија“ и Халк банка АД Скопје.
Договорите ќе ги потпишат генералниот директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ Јани Макрадули и главниот извршен директор на Халк банка АД Скопје, Билал Суџубаши.
Директорот на АД „Пошта“, Макрадули инаку, неодамна најави дека очекува од 1. март следната година граѓаните да можат да ги плаќаат сметките во поштенските филијали низ земјава, како што беше пред пропаѓањето на Еуростандард банка АД Скопје.
Владата на 7 овој месец ја прифати како најповолна понудата на Халкбанк АД Скопје за соработка со АД „Пошта“ согласно двата усвоени критериуми за евалуација на понудата, и тоа во однос на рокот за почеток на имплементација на договорот од 2 месеци , како и во однос на процент на поделба на остварениот заеднички приход во висина од 71 отсто за „Пошта на Северна Македонија“ со 29 отсто за Халкбанк АД Скопје.