Со најнови податоци за тоа колку ќе „тежи“ августовската синдикална кошничка ССМ ќе излезе наскоро, во периодот од 7-ми до 10-ти септември.
Претпоставките се дека најверојатно ќе чини повеќе од јулската која изнесуваше 34.128 денари, што е последица на многу фактори. Меѓу нив како основна, се наметнува високиот износ кој родителите на учениците треба да го издвојат за стартот на училишната годиина, а кој според пресметките на МОН достигнува најмалку 8.000 денари за едно дете.
Експертите преупредуваат дека џебот на граѓаните до крајот на годината дополнително ќе ги „истенчат“ и можните поскапувања на некои продукти како шеќерот, кафето и зејтинот. Анализите покажуваат дека поради последиците на пандемијата, сушата и останатите параметри кои влијаат врз вредноста на продуктите на лобалниот период, во наредниот период можеме да очекуваме нови корекции на цените.
Во ваква ситуација одговорот на тоа како просечниот македонски граѓанин ќе успее да го протурка месецот е далеку од розов.
Од Сојузот на синдикати за „Локално“ потврдуваат дека нивните анализи покажуваат дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите, особено минималната стагнираат.
„Промените и цените се исто така динамични. Посебно варираат регулираните цени на струјата, парното, водата, кои минатата година отидоа нагоре, што ги поскапува животните трошоци“, велат во ССМ.
Предупредуваат дека за разлика од минатото кога синдикалната кошничка за една година се зголемувала за 200 до 300 денари, минатата година за истиот период пораснала за 1.000 денари. Годинава за само 6 месеци синдикалната месечна кошничка пораснала за околу 500 денари.
„Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците за живот и цени тогаш нити три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на Синдикалната минимална кошница“, велат во ССМ.
Оттука, како неопходно го посочуваат нивното барање минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60% од просечната плата, поради тоа што како што велат ниту просечната плата, ниту пак две минимални плати не се доволни да ја покријат синдикалната минимална кошница.
„Податоците на ССМ покажуваат дека реално на едно семејно домаќинство му се потребни најмалку 1,5 до 2 просечни плати, но и тоа ќе значи само овозможување на најосновните потреби. Се надеваме дека во наредниот период со најавеното зголемување на просечната плата кое задолжително ќе го следи и зголемувањето на минималната плата ќе се подигне стандардот на македонските работници, а потсетуваме дека зголемувањето на платите многу лесно може да се оствари доколку сите работодавачи ги почитуваат законите и колективните договори, преку што и веднаш би се зголемиле платите на работниците“, посочуваат во ССМ.
Според нив, ако само просечната плата расте, а минималната стагнира, односно само минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, тогаш тоа значи дека сиромашните остануваат сиромашни, а богатите се богатат.
На се подрастичниот раст на цените наспроти платите предупредува и даночниот експерт Павле Гацов во еден од неговите фејсбук постови. Повикувајќи се на податоците на „Макстат“ тој го издвојува делот од анализата која покажува дека годишната стапка на пораст на цените на индустриските производи на домашниот пазар за периодот јули 2021 во однос на јули 2020 изнесува 9,9%.
Исто така, цените на мало за истиот годишен период пораснале за 5.4 %, а трошоците за живот за 3,4%. Просечната месечна нето плата за периодот јуни 2021- јуни 2020 пораснала за 7%. Тоа е, стои во постот на Гацов, номинален раст.
„Реалниот раст на платите е разлика меѓу номиналниот раст (7%)и порастот на трошоците на живот.Ќе следи намалување на оваа разлика на штета на порастот на платите (цените ќе растат побрзо од порастот на платите) пишува Гацов.Неговиот заклучок е се чини дека најдобро ја отсликува состојбата, бидеќи вели:„Чаре? Првите удоле, вторите угоре!“
К.В.С.