Уште денес до Управата за јавни приходи, работодавачите ќе можат да ги поднесуваат своите барања за државната помош за исплата на плати за вра ботените.
Како што потенцираше директорката, Сања Лукаревска, рокот беше пролонгиран поради преоптовареност на системот, па така на работодавачите им беше дадена шанса уште два дена да аплицираат за овој сет мерки.
„Преоптовареноста во системот ни создаде прекин, но затоа ќе го продолжиме рокот, со цел да им излеземе во пресрет на сите компании кои имаат потреба од оваа мерка. Ние секогаш сме на страната на граѓаните и компаниите, па затоа ќе им овозможиме на сите оние кои ги исполнуваат условите да можат да земат средства за да ги покријат платите на вработените“, истакна Лукаревска во своето гостување во Телма.
Обрасците се прикажени, а работодавачите за платите на вработените за месец октомври можат да аплицираат преку Е-даноци системот.
Компании кои ќе се пријават и ќе добијат пари за плати, а при тоа не ги искористат за таа намена, ќе одговараат кривично, повторно потсети директорката.
„Секој месец за претходниот јавно ќе ги објавуваме имињата на компаниите кои ги злоупотребуваат парите. Заедно со трудовиот инспекторат ќе постапуваме, ќе контролираме и секој ако направил злоупотреба ќе си одговара пред надлежните органи, исто како што има пријави во Јавното обвинителство за оние кои го направија тоа минатиот пат кога се даваше помош за плати, така ќе биде и сега, и уште построго, истакна Лукаревска.
Инаку глобите за ваквите сторени кривични дела чинат од 500 до 1000 евра за малите компании, односно од 1000 до 10.000 евра за големите правни лица. Исто така, глобите за одговорното лице во правниот субјект ќе се движат од 100 до 500 евра во денарска противвредност.