Постигнат договор за компензација за блокадата на Суецкиот канал

од Vladimir Zorba
277 прегледи

Претставник на сопственикот и осигурителните компании на бродот „Евер Гивен“, кој го блокираше Суецкиот канал во март годинава, изјави денес дека е постигнат договор за компензација со Управата на каналот Суец, со цел да се овозможи бродот да биде ослободен.

Управата на Каналот, поради спор околу барањето на Управата за надомест, го чуваше џиновскиот брод и неговиот екипаж во езерото помеѓу двата дела на водниот пат, откако бродот беше преместен на 29 март за да овозможи навигација.

„Ќе се направат подготовки за ослободување на пловниот објект и настанот по повод договорот ќе се одржи во седиштето на Управата во Исмаили во догледно време“, се вели во изјавата на Фаз Пирмохамед од „Стен Марин“, кој го претставува сопственикот на бродот, компанијата „Шои Кисен“ и нејзината осигурителна компанија.

Египетскиот суд ги одложи рочиштата во спорот околу обештетувањето за 11 јули порано денес, со цел да им овозможи на Управата на каналот и на сопственикот на бродот да постигнат спогодба, изјавија извори од судот и еден адвокат.

„Шои Кисен“ и нејзините осигурителни компании минатиот месец објавија дека постигнале принципиелен договор со управата на Суецкиот канал.

Раководството на Суецкиот канал побара 916 милиони долари обештетување за да ги покрие трошоците на напорите на спасувачите, за штетата нанесена на компанијата и за изгубените приходи пред да ја намали сумата на 550 милиони долари.

„Шои Кисен“ и осигурителните компании на бродот го оспорија барањето и задржувањето на бродот, по наредба на египетскиот суд.

Слични содржини