Македонското општество е длабоко поделено, фрагментирано и испокинато по сите шавови, без најмал институционален консензус околу општото добро. Во изминатите триесет години независност, не создадовме институционална меморија околу која ќе се обединиме сите како граѓани, и ќе ја градиме државата како заедничка на сите, без разлика на етничка, партиска, политичка, социјална, религиска или која било друга поделба. Промптното враќање на „старите вмровски“ имиња на скопските улици, по преземањето на главниот град од страна на десницата, ни е доказ дека ние не почитуваме ништо. Почнувајќи од имињата на улиците во главниот град, до закони кои треба да се спроведат во однос на исплаќањето на двојна дневница на работниците во недела или на државен празник.
Политичките елити на левицата и десницата, овие три децении партиски се бореа по „карлшмитовската“ теорија на закрвеноста, односно наместо да се гледаат како партиски конкуренти кои во политичката арена ќе се борат за освојување на власта, тие крвнички се истребуваа(т) до последно. Десницата (ВМРО-ДПМНЕ), предводена од будимпештанскиот азилант Никола Груевски, носи особени заслуги за тоа: „предавници/патриоти“ , „комуњари/вмровци“ ,, името го продадовте/името не го даваме“, се само едни од дихотомиските поделби по крајна линија во кои општеството како со нож се делеше и потоа нажежувајќи и наектрелизирајќи ја атмосфертата во македонскиот политички котел ги произведе 24.12.2012 и 27.04.2017-та, два датуми кои ќе останат во најтемната и најсрамната историја на македонската куса парламентарна демократија.
Капацитетни сме за општо зло!
„Во генерална смисла, осовниот предизвик е како да се создадат внатрешни капацитети, кои ќе го прекинат синџирот на вечните почетоци и постојаните дисконтинуитети, зголемувајќи го просторот за соствена автономија. На оваа почна се менуваа различни општествено-економски системи, се менуваа режими, идеологии,личности, но и покрај тоа, темелите за надминување на заостанатоста и развојните кризи не се поставени. Значи прашањето за „вечното повторување на истото“-егзистирањето на периферијата на Европа, упатува на тоа дека ставовите и однесувањето мора да се променат.
Синтезата на знаење, искуство, и насоченост кон општото добро се од стратегиска важност за усвојувањето на претпоставениот развој и поголемиот степен на автономија. Долготрајната моќ во рехабилитацијата на општото добро лежи во изноаѓањето сопствена мера за почитување на традицијата и современоста, индивидуалните и колективните интереси, економската ефикасност и социјалната солидарност, реафирмацијата на сопствената заедница и инкорпорацијата во глобалните текови“, вели Радмила Накарада, универзитетска професорка на белградскиот факултет за политички науки. Ја поставува генезата на српскиот проблем, и нуди решение, но истото, поради сличните историско-општествени, социјално-развојни, и менталнитетно-културолошки прилики, може да се употреби и за нашиот случај ( case study).
Тие внатрешни капацитети, не дека ние ги немаме, напротив, ги има, тука се околу нас во секоја сфера на општесвеното живеење, но ние ги избркавме , физички , морално и интелектуално, надвор од нашата сфера на битисување, напати и многу често и во западноевропските средени земји на живеење. Македонскиот мочуриштен систем на егзистенција ги произведе лажговците, превртливците, полтроните, неранимајковците, корумпираните, џепчиите, додворувачките подмазувачи, и тие, согласно овие автентични и автохтони „македонски карактеристики“, ги заземаа и ги пополнуваа раководните места во македонскиот испреплетен административен систем, но неретко и во приватниот сектор.
Лек има, само упорно одбиваме да го примениме!
Во својата најнова колумна, брилијантниот Арсим Зеколи, споменува пет наши општественици во политичката зона, кои беа „елиминирани“ токму од замастеноста на тромбоидниот крвоток на македонската политичка сцена. И како сега тие се професионално ангажирани и реализирани на Запад. Бидејќи нашиот систем не ги сакаше и не ги прифати. Ги исфрли како „некомпетентни“, односно како премногу добри и неадекватни за гнојот потонат во лој, во кој се ужива и се перпетуираме еве веќе три децении. Дијагнозата е дадена, решението проф. Накарада го дава, само останува уште да го примениме и да почнеме да сакаме да се промениме. Но очигледно не. Во последните реченици за „петмината“, кажав и објаснив зошто е тоа така.
Во постпразничните мамурни (отрезнувачки) денови, стаса и информацијата дека Скопје е најзагадениот град во светски рамки. Повторно! Прв на табелата, неславно, несреќно. Истиот тој град во кој „суштински“ важно беше прво да се вратат старите вмровски имиња на улиците. Најзагадениот на свет. Еден ден, кога левицата ќе го даде првиот човек на главниот град, ќе ги врати наново пак „старите“ имиња, и се така ние ќе се вртиме во круг на неподносливоста на карикатуралното институционално поимање. Во кое нема меморија. Само играње играчка. Од еден град, од една држава, за кои кога ќе ни кажат дека „ ги добивме на тацна“, се лутиме. Можеби зошто потсвесно вистината боли. Или пак со нашите простачки, инфантилни постапки и докажуваме дека е така.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот