Постои нон-пејпер за промена на границите на Балканот

од Vladimir Zorba
260 прегледи

Гледајќи ги сите информации што се во јавноста, на мое големо и длабоко разочарување, се чини дека таков нон-пејпер или нешто слично навистина постои, изјави за „Данас“, Клемен Грошељ, словенечки член на Европскиот парламент, во врска со тврдењето дека Премиерот на Словенија, Јанез Јанша на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел му испратил неофицијален документ, т.н. нон-пејпер, за „мирното, конечно распаѓање на СФРЈ“.

Јанша го демантираше ова тврдење пред два дена, велејќи дека последен пат се сретнал со Мишел минатата година.

„Тешко дека физички можев да му предадам нешто во февруари или март годинава“, рече Јанша. Тој додаде дека „Словенија сериозно бара решенија за развој на регионот и европската перспектива на земјите од Западен Балкан, но дека ваквите написи се обидуваат да ја спречат таа цел“.

Како што посочува Грошељ, „огромното и неоспорно мнозинство словенечки граѓани, како и словенечките политичари не ги поддржуваат ставовите што наводно се наоѓаат во тој документ“.

Тој посочува дека „секој што сака благосостојба во регионот, економски и социјален развој и интеграција во ЕУ во никој случај не поддржува никаква идеја за демонтирање на Босна и Херцеговина или промена на границите на регионот“.

Соговорникот на „Данас“, поранешен државен секретар во словенечкото Министерство за одбрана и професор по меѓународна безбедност, посочува „дека иднината на регионот и Босна и Херцеговина е во Европската унија, а не во крајно популистичките идеи од минатото“.

Медиумите пишуваат дека наводниот документ бил доставен на Мишел преку вообичаените дипломатски канали.

Исто така, како што е наведено, документот не се фокусира само на БиХ, туку исто така повикува на враќање на поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски во земјата.

„Предвидена“ е можноста за отцепување на Република Српска, прекројување на границите во Црна Гора, Северна Македонија и Албанија. Словенија ќе го преземе шестмесечното претседателство со ЕУ на 1 јули.

Тања Топиќ, политички аналитичар од Бања Лука, за „Данас“ изјави дека претпоставува дека ваков неофицијален документ постои и дека, како што вели, опцијата за демонтирање на БиХ се разгледува во некои меѓународни кругови.

„Исто така, постојат лоби групи во самата БиХ за различни решенија и предлози, вклучително и распуштање и мирно раздвојување. Ваквите иницијативи „носат немир и несигурност во БиХ“, посочува таа.

„Сепак, мислам дека тие важни меѓународни чинители не размислуваат за промена на внатрешните граници на БиХ затоа што се свесни дека резултатот од ваквите иницијативи ќе биде сличен на резултатот од 90-тите години на минатиот век. Нов воен конфликт “, заклучува Топиќ.

Слични содржини