Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ: Претставени приоритетите на претседавањето на Северна Македонија

од Radmila Tasevska
204 прегледи

Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ) се состана денеска во Скопје, во Собранието на Република Северна Македонија, на дискусија за приоритетите на Претседателството на нашата земја со овој процес (2023-2024) и за новиот пристап на стратегијата ЅЕЕ2030, известуваат од Собранието.

Како што посочуваат од законодавниот дом, отворајќи го настанот, пратеникот Мартин Костовски, член на собраниската делегација, истакна дека денешната седница е во рамките на редовните активности на ПС на ПСЈИЕ и е во полза на јакнењето и унапредувањето на соработката во ЈИЕ.

Во име на МНР се обрати државниот секретар Филип Тосевски, кој истакна дека оваа година беше мошне значајна за Република Северна Македонија, која ја имаше честа да претседава со три значајни организации, вклучувајќи го успешното претседавање со ОБСЕ, како и со ПСЈИЕ и со групата САД – Јадранската повелба (А5), информираат од Собранието.

Според Тосевски, регионалната соработка е мошне битен фактор за градење добри меѓусоседски односи и за постигнување економска стабилност на регионот, особено ако се имаат предвид евроаспирациите на земјите кои сè уште не се дел од ЕУ.

Арслан Умут Ергезер, координатор на Стратегијата ЅЕЕ2030 од Советот за регионална соработка го презентираше новиот пристап во имплементацијата на овој документ, кој датира од 2021 година.

– Во изминатите две години, се работеше на имплементација на Стратегијата, при што се реализирани повеќе проекти од значење за регионот и за земјите членки на процесот, во консултации со парламентите, академските заедници тинк-тенк организациите. Следните две години, треба да се посветиме на мониторинг на имплементацијата и на утврдување на потребата од други проекти кои би обезбедиле поголем економски раст и надминување на стапките на сиромаштија, запирање на процесите на миграција, човечка безбедност како клучен сегмент од територијалната безбедност, истакна Ергезер.

Од Парламентот посочуваат дека претставникот од Анкара, пратеникот Рефик Озен, иницирал формирање на постојан секретаријат на ПССЈИЕ, оценувајќи дека преку јакнење на регионалната соработка јакнат и стабилноста и економијата во земјите кои се дел од Процесот.

– Претставникот од Атина Костадинос Каракунис, изразувајќи поддршка за приклучување на регионот во ЕУ, истакна и дека улогата на ПСЈИЕ е посебно значаен за негување на добри меѓусоседски однос. Тој го истакна примерот меѓу Грција и Северна Македонија како доказ дека соработката и дијалогот придонесуваат за остварување и на стратешките цели на земјите, соопштуваат од Собранието.

Од законодавниот дом информираат дека, пратеникот Костовски информирал и за учеството на 42. сесија на Балтичкото собрание, на 23 и 24 ноември годинава во Талин, Естонија, каде што, учесниците, како што рече, беа информирани за приоритетите на претседавањето со ПСЈИЕ, при што беше нагласено дека тие во голема мера се совпаѓаат со приоритетите на естонското претседателство со Балтичкото собрание и Балтичкиот совет на министри.

Костовски најави дека следната седница на овој форум ќе биде организирана во рамките на 11. Пленарна сесија што ќе се одржи напролет.

Слични содржини