Во Владата на Северна Македонија беше потпишан Договорот со Фронтекс, прв ваков договор меѓу Европската комисија и нашата земја на македонски јазик.
Во присуство на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја започна својата турнеја низ Западен Балкан, беше потпишан статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс.
Документот во име на ЕУ го потпишаа чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ, и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, која е дел од делегацијата на Фон дер Лајен, а од македонска страна, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го потпиша документот.
Договорот ги регулира оперативните активности што ги спроведува Фронтекс во Северна Македонија и има оперативно и политичко значење и за Северна Македонија и за ЕУ, соопшти Владата.
Договорот ќе му овозможи на Фронтекс на оперативно ниво подобра заштита на границата на Северна Македонија, брзо распоредување на персонал и опрема на Фронтекс или странски полицајци на критичните гранични точки, а во случаи на ненадејно и брзо влошување на ситуацијата, можности за доверливи и континуирана размена на информации и податоци, вклучително и оперативни разузнавачки податоци, разузнавачки податоци, производи за видео и воздушно набљудување, сателитски снимки и друго.
Тој договор за управување со границите со Фронтекс беше блокиран со години од Бугарија, која не го признава македонскиот јазик како самостоен и единствен.
На 13 октомври, Советот на ЕУ донесе одлука за потпишување на Договорот меѓу ЕУ и Северна Македонија за управување со границите, бидејќи Софија практично го повлече ветото. Сите други земји од регионот кои имаат договор со Фронтекс го потпишаа на своите јазици, така што таа формула беше применета и во овој случај, со употреба на македонскиот јазик.
„Потпишувањето на Договорот за статусот на Фронтекс претставува уште еден чекор во продлабочувањето на односите меѓу ЕУ и Северна Македонија. Тоа ќе донесе практични придобивки преку подобрување на граничната безбедност. Договорот е на македонски јазик, како и на сите 24 јазици на ЕУ, а сите јазични верзии се подеднакво валидни“, соопштија од Делегацијата на Европската комисија во Скопје.