Обединетото Кралство и Европската унија потпишаа нов договор за границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска, по серијата состаноци и преговори.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и британскиот премиер Риши Сунак успеаја да најдат заеднички јазик. И покрај тоа што и двајцата ги истакнаа затегнатите односи поради овој проблем, тие зборуваа и за тоа како Велика Британија и ЕУ многу добро соработуваат во Украина и дека тоа треба да биде водич за нивните односи.
Новиот договор наречен Windsor Framework е надградба и корекција на северноирскиот протокол, кој беше дел од Брегзит, односно договорот за повлекување на Обединетото Кралство од ЕУ.
Се чини дека северноирскиот протокол само додаде дополнителни компликации на и онака комплицираните односи меѓу Велика Британија и ЕУ.
Ситуацијата дополнително ја влошува и тоа што се решава границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, граница која според многумина во тој регион не би требало да постои.