Потребни ли се училишта без мобилни? „Да бидеме паметни и ние да ја користиме технологијата, кога таа веќе започнала нѐ користи нас“

Дали учениците треба да користат мобилни телефони во училиштата: „Забраната ќе мора да важи и за наставниците“

од Nikola Popovski
496 прегледи

Инстаграм, Фејсбук, Тик-Ток се добро утро на секој средношколец, пa и основец. Колку денешните ученици се зависни од мобилните дали може да поминат еден без нив? Носењето мобилен телефон во училиште, родителите го оправдуваат со тоа дека во секој момент можат да знаат каде е нивното дете и што прави, но од друга страна пак, каде би било детето освен во училиште и што би правело освен да учи и да се дружи со другарчињата. Наставниците се жалат од однесувањата на децата, велат дека тие се постојано со мобилен во рака и постојано се обидуваат да најдат начин да им го задржат вниманието и да заборават на телефонот. Се поставува прашањето дали треба да се забранат мобилните уреди во училиштата?

Во соседството, Институтот за социјални истражувања во Загреб објави резултати според кои повеќе од 85 отсто од сите наставници ја поддржуваат забраната за употреба на мобилни телефони во училиштата. Исто така и Обединетите нации кон крајот на јули излегоа со извештај, во кој порачаа дека мобилните телефони треба да се забранат во училиштата за да се подобри процесот на учење, да не се нарушува текот на часовите и да се помогне да се заштитат децата од онлајн насилство. За тоа каква е ситуацијата во државава и како се размислува, „Локално“ поразговара во Ивана Велевска, училишен психолог и системски психотерапевт под супервизија. Според неа, мислењата се поделени – дел од наставниците би ги забраниле телефоните во училиште, а на дел не им пречат бидејки веројатно успешно се справуваат односно успеваат да го забранат користењето на телефонот од страна на ученикот за време на часот. Вели дека постојат пак и наставници кои ја користат технологијата за реализзирање на наставата.

Јас како стручно лице сметам дека додека се во училиште на учениците не им се потребни мобилните телефони….дел од родителите често не го прифаќаат тоа бидејки живееме во еден брз свет па колку и да не сакаме и да одбиваме, знаеме дека мобилните телефони се потреба. Сите се навикнаа на нив и едноставно луѓето веќе не знаат како да функционираат доколку ги нема. Голем број деца патуваат до училиштата, па мобилниот го користат за да ги исконтактираат родителите или пак продолжуваат со некоја активност (спорт, јазик) и им е потребен телефонот. Сметам дека можеби подобро би било ако веќе учениците носат мобилни телефони во училиште, тие да не бидат со нив постојано…..добро би било да има место во секое училиште каде што ученикот ќе го остави својот телефон и кога ке заврши со настава да го земе, предлага Велевска.

За тоа како би се одразила забраната врз учениците, психологот посочува дека многу зависи и од родителите. Велевска потенцира дека денешните деца не знаат да се дружат, односно седат еден до друг и не разговараат туку си пишуваат.

На почетокот мислам дека би им било потешко, посебно на повозрасните ученици кои постојано сакаат да се во тренд, се сликаат, објавуваат сториња и различни објави, но со поддршка од наставниците и од родителите и тие би ја прифатиле забраната и брзо би се навикнале на новонастанатата ситуација. Поточно сметам дека кога ниту еден ученик не би имал со себе телефон, ќе најдат брзо начин како да се дружат и што да прават за време на одморите или можеби после часови, укажува соговорничката.

Ивана Велевска

Сепка оценува дека многу е важно сите да се однесуваме исто, и децата и возрасните.

Родителите треба да ја поддржуваат одлуката на училиштата и да ги контролираат своите деца. На пример доколку децата знаат дека нивниот родител смета дека забраната е непотребна, нема воопшто да ја почитуваат ни тие и да се навикнат на состојбата. Едноставно ке има отпор. Она што е позитивно ако се забранат мобилните телефони е дека нема да има поделба меѓу учениците. Нема да има споредби на пример кој има подобар телефон, кој послаб, кој ја следи модата, а кој не и сл, смета Велевска.

На прашањето дали користењето на смарт фанови на настава доведува до послаби оценки, психологот ни рече дека отсекогаш постоело мислењето дека 70%, па и повеќе од наставата се учи за време на час и смета дека сеуште е така. Секако дека користењето на смарт телефоните за време на настава доведува до послаби оцени, што не значи дека е така кај сите. Многу зависи од авторитетот на наставниците и од авторитетот на родителите.

Не би било во ред ако не спомнам дека постојат и ученици кои ги користат телефоните и интернетот за корисни работи и за постигнување поголеми успеси во наставата. Сметам дека се е поврзано со умереноста, не треба да се претерува ниту со забрани ниту со користење на мобилните телефони. Моето мислење е да бидеме паметни и да ја користиме ние технологијата, кога таа веќе започнала не користи нас, наведува Велевска.

Со одлука на Наставнички совет, сите ученици и наставници задолжително ги оставаат своите мобилни телефони во кутиите со прегради кои ги набавивме специјално за таа намена, информираа пред неколку дена од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола. Психологот се согласува на ваква одлука, која би важела и за просветниот кадар.

Доколку се забрани за учениците, ќе мора да се забрани и за наставниците, иако морам да спомнам дека во минатато никогаш не се споредувал ученикот со наставникот….ама за жал денес доколку на пример се случи наставникот да смее да има телефон со себе, а ученикот не, ќе има реакции пред се од многу родители, а дури и учениците самите ке се спротиставуваат на одлуката и ке се споредуваат со наставникот. Затоа сметам дека ако се забранува за едни, ќе мора да се забрани и за други, ни рече Велевска во разговорот.

Н.П.

Слични содржини