Потребни сериозни системи за управување со отпад, за екологистите единственото решение е „нула отпад“

Горење на депониите во „Вардариште“ и „Дрисла“, но и пожар од високи размери кој избувна во магацинот за електронски отпад во Трубарево, се само дел од информациите кои ја преплавија државата деновиве.  Додека главниот град е обвиен во чад, претставниците на власта и опозицијата си ја префрлаат вината еден на друг. Се појави прашањето дали е неопходно да се создадат модерни депонии, или пак решението е во нулта отпад?

од Бисера Трајковска
57 прегледи

Горење на депониите во „Вардариште“ и „Дрисла“, но и пожар од високи размери кој избувна во магацинот за електронски отпад во Трубарево, се само дел од информациите кои ја преплавија државата деновиве.  Додека главниот град е обвиен во чад, претставниците на власта и опозицијата си ја префрлаат вината еден на друг. Се појави прашањето дали е неопходно да се создадат модерни депонии, или пак решението е во нулта отпад?

Екологистите решение на проблемот го гледаат во имплементација на концептот „нула отпад“,  а останатите сметаат дека имаме институционални и технички недостатоци и оти проблемот треба да се решава чекор по чекор, санирајќи ги најпрвин моменталните состојби.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Локално“ изјавија дека концептот „нула отпад“ е суште тешко да се воспостави и кај многу поразвиенти земји, кои веќе имаат воспоставени системи за управување со отпад. Од Министерството велат дека се фокусирани на воспоставување на базичната инфраструктура од која понатаму бе се развивала циркуларната економија.

-Согласно Законот за управување со отпад и Националниот план за управување со отпад управувањето со комуналниот отпад задолжително се управува не регионално ниво. Регионалниот систем за управување со отпад како минимум подразбира една регионална депонија, претоврани станици, примарна селекција на отпадот на сува и мокра фракција (жолта и зелена канта/контејнер), воспсотавување на центри за комунален отпад каде граѓаните ќе можат во рамките на регионите да оставаат кабаст отпад, опасен отпад од домаќинставта и сл., потоа изградба на компостари (на смите претоваррни станици и др. Овој процес во земјата е веќе зпочнат и секко е во насока на воспоставување на циркуларна економија односно искористување на отпадот повторно како ресурс (како материјал или како енергија), изјавија од Министерството.

Модернизирање на Дрисла со јавно-приватно партнерство како можно решение за проблемот

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека за скопската депонија нема ад хок решенија, туку таа мора да се модернизира за да не се случуваат вакви инциденти. Тој најави дека по изборите Дрисла ќе се модернизира со јавно-приватно партнерство. Мицкоски смета дека во земјава мора да се изградат и регионалните депонии по европски стандарди, доколку сакаме вистински третман на отпадот. Смета дека ако ги направиме овие депонии со фабрики за преработка на отпадот и за производство на електрична енергија, тогаш нема веќе да имаме проблем.

Во однос на овие најави на премиерот, за создавање на јавно-приватно партнерство како еден од начините на решавање на проблемот, кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова за „Локално“ изјави оти смета дека ние уште не сме подготвени за еден таков модел.

-Премиерот вели јавно-приватно партнерство. Јас велам дека ние уште не сме подготвени за таков модел. Тоа впрочем ни го покажа и Дрисла, која што беше под концесија долги години и се покажа како неуспешна приказна, па на крајот поранешниот градоначалник од СДСМ во текот на неговиот мандат се обидуваше да ја раскине концесијата и да ја врати Дрисла на управување под градот, рече Шукова.

Таа е на ставот дека мора да воспоставиме сериозни системи за управување со отпад. Шукова потенцира дека треба да ги намалиме количините на отпад коишто финално ги депонираме на депонија.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Каја Шукова

-Ние конечно мора да воспоставиме сериозни системи за управување со отпад. За жал, ниту еден од регионите во Македонија нема таков систем, во напредна фаза малку е источен и североисточен. Бидејќи пожарите во поголем дел се однесуваат на скопскиот регион, таму мораме да одиме со систем, преку кој ќе ги намалиме количините на отпад коишто финално ги депонираме на депонија, додава Шукова.
Таа вели дека мора да создадеме селекција и реупотреба на отпад, а паралелно и да реагираме на жаришта коишто во моментот ги имаме.

-На тој начин, ќе ги намалиме количините на отпад, што финално ќе ги депонираме на Дрисла. Паралелно, ние мораме да реагираме на овие жаришта кои што во моментот ги имаме. Во Вардариште мораме да направиме контрола и заштита, да видиме што се случува. Исто така, треба да влезе механизација која што ќе го израмни теренот, за да нема повторно можност за нови појави. Истото е и со Дрисла, додаде Шукова.

Според Шукова, проблемот се јавува заради тоа што се врши несоодветен третман на отпадот на која било од локациите – Вардариште или Дрисла.

-Слушаме деновиве дека ромското население е во близина на Вардариште, меѓутоа не сметам дека таму треба да го впериме прстот. Однесувањето е такво, затоа што има институционални недостатоци. Ако имате вие локација којашто сериозно е под надзор, којашто е заградена и каде што нема да има пристап на граѓани, нема да можат истото да го прават, вели Шукова.

Таа додава дека имаме институционален и технички недостатоци. Вели дека е сериозен проблем кој треба чекор по чекор да се решава.
-Технички подразбира да имате систем кој што функционира, институционален да функционираат институциите, во случајот Комунална хигиена. Сериозен е проблемот, треба чекор по чекор да се решава. Моменталните состојби мора да се санираат, бидејќи сериозно го загадуваат воздухот во Скопје, вели Шукова.

Таа е на ставот дека треба да одиме кон управување со отпад каде што отпадот ќе го третираме како ресурс.
-За мене селекцијата и реупотребата на отпадот е начин како да ги намалиме количините на отпад, и што помалку да депонираме на Дрисла. Мислам дека треба да поработиме малку повеќе со луѓето, да им се објасни овој концепт, да сфатат што се случува, бидејќи кога зборувате, слушам невладините деновиве кажуваат нула отпад. Тоа е начин како во еден извесен временски период ќе стигнете до нула отпад.
За нас, вели таа, тоа ќе ни треба години секако, бидејќи една Шведска и Данска кои што можеби стигнале до нула отпад, тоа го прават со години наназад. Не може да се направи за една година.

-Значи, селектирај, реупотреби и што помалку депонирај.
Санација на Дрисла ќе биде потребна, тоа е планирано, и санација на претоварната станица на Вардариште исто така, вели Шукова.

Од друга страна, екологистите остануваат на ставот дека нула отпад е единствено трајно решение за овој проблем.

Советникот од „Зелен хуман град“ во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски, во изјава за „Локално“, потенцира дека Македонија мора да почне да работи на концептот „нула отпад“.

-Нема ништо друго што може нам да не спаси од оваа ситуација, освен концептот „нула отпад“.
„Нула отпад“ – она што ние како „Зелен хуман град“ го говориме сите овие години, значи дека треба да прекинеме да создаваме отпад. Вака можеби звучи како научна фантастика, но далеку е од тоа. Ние пред пет, шест години зборевме за фотоволтаици и сите ни велеа дека сме луди, па сега фотоволтаици има на секое ќоше во државата. Концептот на нула отпад буквално вели дека треба да прекинеме со генерирање на отпад. Ова се однесува и на био-отпад кој што може да се компостира, да се реискористи, или пак да се користат пакувања за повеќекратна употреба, наместо за еднократна употреба, вели Јовановски.

Преку „нула отпад“ до намалување на количеството на сегашните депонии 

Според Јовановски, многу од работите кои ние ги правиме во оваа држава може да се оптимизираат, а со тоа ќе се намали количеството во сегашните депонии и нема да се формираат нови депонии. Исто така, ќе може да се намали ризикот општо од самозапалување на тие депонии или пак од намерно запалување.

-Нам не ни требаат нови депонии, не треба да правиме депонии на други места или да ги дислоцираме овие, туку буквално треба да ги затвориме, да не постојат, вели Јовановски.

Тој е на ставот дека кај нас 60 до 70 отсто од отпадот е органски био-отпад, што значи дека ако ние почнеме вистински да го компостираме тој отпад,  60 до 70 отсто од отпадот веќе ќе го решиме. Тоа, како што потенцира, е огромна бројка.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

-Ние како „Зелен хуман град“ се боревме да обезбедиме, и обезбедивме две компостари во Градот Скопје за био-отпад. Тие компостари се уште не знаеме дали активно ги користи градот или не. Ако ние направиме голем капацитет со многу биоотпадни компостари, ќе можеме драстично да го намалиме процентот на отпад кој што се создава, а понатаму со добри политики на владеење, ќе може да се и елиминира истиот, појаснува Јовановски.

Тој вели дека модерните депонии не го решаваат овој проблем, бидејќи повторно се депонии и повторно ќе може да се спалат и повторно ќе постојат како концепт.

-Ние сакаме да намалиме отпад, а со тоа да ја заштитиме зивотната средина и планетата. Нема друго решение. Не треба ние да викаме, ќе земеме апчиња за главоболка. Треба да ја решиме главоболката. Да видиме што е тоа што ја предизвикува, додава тој.

Во однос на обвинувањата од власта дека четири години во Советот на градот не успеале ништо да постигнат по ова прашање, Јовановски одговори дека обвинувањата не им се фокусот.

-На сајтот на „Зелен хуман град“ има секција „постигнувања“ и може да се види буквално секоја година што се има постигнато, за само два од 45 советници во опозиција. Тоа е нешто што ниту една друга партија ни приближно не може да го покаже истиот број на постигнувања, следствено на нивните советници во Градот Скопје. Покажавме како „Зелен хуман град“ што се можеме да направиме со само два советника, а камо ли со мнозинство можеби понатаму во Советот, додаде Јовановски.

Тој вели дека многу европски градови, како Љубљана, Амстердам, Прага го имаат решено овој проблем и работат на активни политики за намалување на отпадот.

– Ако може да имаме толку многу државни возила, ако може на глупости да фрламе пари континуирано во државата, мислам дека ова е исклучиво плакнење на очи и фрлање на ветер во магла колку да се каже дека ние не можеме да го направиме.  Ние како „Зелен хуман град“ ќе успееме да направиме финансиска анализа на премиерот, ако они тоа не можат да го направат, и ќе им дадеме готова финансиска анализа, како ова да се реализира.  Смешно е дека волонтери и активисти треба да го прават ова, кога имаме цели државни институции кои се платени и треба да го прават ова, додаде тој.

Б.Т.