Потрошувачката на пиво во Германија е во опаѓање, продолжувајќи го трендот што започна пред пандемијата на коронавирус, објави во вторникот Федералниот завод за статистика во Визбаден.
„По благ пораст на потрошувачката во 2022 година во однос на периодот на пандемијата, во првата половина од оваа година потрошувачката повторно падна, што го продолжи трендот што започна пред пандемијата“, соопшти Федералното биро за статистика.
Во споредба со истиот период минатата година, потрошувачката е намалена за 2,9 отсто на 4,2 милијарди литри пиво. Во исто време, тоа е за 12,2 отсто помалку од пред десет години.
Пиварите го поврзаа натамошниот пад на потрошувачката на пиво со невообичаено студеното време оваа пролет во Германија, како и со инфлацијата. „Поради високата инфлација, се повеќе луѓе се воздржуваат од трошење во угостителските објекти, што се чувствува и во намалувањето на приходите во туризмот“, соопштија од Германското здружение на пивари.
За околу 1.500 пиварници во Германија, од кои повеќето можат да се категоризираат како мали и средни претпријатија, годинава, според соопштението, значи борба за опстанок. „Експлодирачките цени кои почнаа да растат за време на корона кризата и продолжија да растат по почетокот на војната во Украина, доведуваат многу пиварници на работ на банкрот“, се вели во соопштението за печатот на здружението.
Во статистиката не е вклучено безалкохолно пиво, но според последните податоци за минатата година, потрошувачката на ова пиво е двојно зголемена во последните десет години.
Во Германија на пазарот има околу 600 марки домашно пиво, кои се произведуваат според т.н. правилото за чистотата на пивото од средниот век, според кое за производство на пиво не смее да се користи ништо друго освен слад, квасец, хмељ и вода.