„ПОЦ“ бесплатно ќе ги отстранува хаварисаните возила во Центар

од Nikola Popovski
415 прегледи

Јавното претпријатие „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) од денес почнува со акција за расчистување и ослободување на паркинзите и јавните површини од хаварисани возила во Скопје. Покрај хаварисани возила, како што велат од претпријатието, ќе се собираат и камп приколки кои се напуштени и претставуваат опасност за жителите и животната средина.

„Веќе од денес, хаварисаните и напуштени возила и приколки, со согласност на сопственикот, ќе се отстрануваат од јавните површини во Општина Центар и бесплатно ќе се носат во депото на друштвото за производство, трговија и услуги Васкони Скрап ДОО-Скопје. Потоа тие ќе ги сечат и ќе ги продаваат како старо железо, а за тоа сопствениците на возилата ќе добијат надоместок од фирмата согласно нивниот ценовник за откуп на отпад од хаварисани возила.

Во склоп на кампањата од среда (20.01.2020) ќе се отвори и посебна телефонска линија 075 476 762 каде сопствениците на хаварисани возила ќе можат да ги пријавуваат своите автомобили. Пајак службата на ЈП ПОЦ ќе интервенира веднаш по добивање на повикот“, соопштуваат од ПОЦ.

Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар-Скопје, Васко Кичевски и сопственикот на Друштвото за производство, трговија и услуги Васкони Скрап ДОО-Скопје, Васил Ѓатовски потпишаа меморандум за соработка со кој се обврзаа двете страни заеднички да соработуваат и да делуваат за да се воведе ред во паркирањето, да се зголемат капацитетите на паркинг местата и да се воспостави партнество во смисла на задоволување на потребите на корисниците и жителите на Општина Центар.

Според податоците на претпријатието на територијата на општина Центар има над 220 хаварисани возила.

Слични содржини