Повеќе од 12.500 луѓе досега потпишале петиција со која се бара забрана за враќање на основачот на Амазон, Џеф Безос, на Земјата по претстојното лансирање на вселенското летало на неговата компанија „Blue Origin“.
Безос, вториот најбогат човек на светот со нето вредност од приближно 186 милијарди долари, „всушност е негативец, милијардер од стриповите на Супермен“, се наведува во петицијата. „Тој е всушност злобен моќен човек кој се залага за глобална доминација. Тоа го знаеме со години“.
Авторот на петицијата исто така тврди дека Безос (57) „работел со Џефри Епштајн и Витезите темплари, како и со масоните со цел да се добие контрола над целиот свет“.
„Во меѓувреме, нашата влада дозволува тоа да се случи“, заклучуваат тие. „Можеби ова е нашата последна шанса пред да овозможат 5G микрочипови и да извршат масовно преземање“, пренесува порталот „Бизлајф“.
Да потсетиме, Безос неодамна објави дека ќе биде дел од екипажот на првиот суборбитален лет на неговата ракетна компанија „Blue Origin“. Братот на Безос, Марк, ќе му се придружи на летот, како и победникот на јавната лицитација кој се борел за едно од местата. Имено, анонимниот победник плати 28 милиони долари на аукцијата за место за патување во вселената со основачот на Амазон.