Повеќе од 4.500 камиони блокирани во Довер успеаја да преминат во Франција

од Stefanija Kuzmanovska
371 прегледи

Повеќе од 4.500 камиони блокирани во англиското пристаниште Довер од средата можaт да ја напуштат Велика Британија, благодарение на масовната операција на тестирање на Ковид-19, во која учествуваа повеќе од илјада војници, соопштија денеска британските власти.

Франција во недела вечерта целосно ги затвори своите граници со Велика Британија поради појавата на нов вид на коронавирусот. Блокадата беше укината во средата наутро, под услов возачите да имаат негативен тест на корона, но во меѓувреме се собраа огромен број камиони од англиска страна и требаше време и зголемена организација за да се обезбеди тестирање за секого.

Илјадници камионџии чекаа неколку дена за да можат да се вратат дома, некои ги паркираа своите возила на стариот аеродром, други директно на автопатот.

Повеќе од 4.500 камиони можеа да заминат во петокот вечерта, соопшти британскиот министер за транспорт, Грант Шапс, преку Твитер. Беа спроведени повеќе од 10.000 тестови, од кои 24 беа позитивни, рече тој.

Во нормални времиња, до 10,000 камиони поминуваат дневно низ Довер, што е главно англиско пристаниште за преминување на Ла Манш.

Слични содржини