Повеќето шумски пожари во Турција се ставени под контрола

од Nikola Popovski
242 прегледи

Повеќето шумски пожари во Турција сега се под контрола, додека областите на запад од земјата се уште се под оган, рекоа турските власти, најавувајќи истрага за причините за пожарите.

Агенцијата Анадолија јавува дека 70 шумски пожари се ставени под контрола низ целата земја.

Министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли на Твитер објави дека околу 4000 луѓе, шест авиони, девет беспилотни летала, како и хеликоптери се вклучени во гаснењето на пожарот.

Зборувајќи за пожарите во Мугла, Пакдемирли рече дека има „мала штета“ во одморалиштата Мармарис и Мугла.

„Не се заканува кон населбите, огнот се движи кон морето“, рече Пакдемирли.

Според турскиот весник Дејли Сабах, пожарите во Турција се вообичаени во овој период од годината поради високите температури, но последните биле катастрофални бидејќи предизвикале голема материјална штета кога биле уништени цели села.

Причините за пожарот се испитуваат, а властите се сомневаат дека пожарот бил подметнат на некои локации од приврзаниците на Курдската работничка партија (ПКК), која во Турција се смета за терористичка.

Најголемата штета е предизвикана околу градовите лоцирани во регионите Анталија и Мугла, каде што пожарот им се закануваше на популарните летувалишта. Јужните региони Мерсин, Адана и Османија исто така беа погодени од пожарот.

Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) наведува дека пожарите во Манавгат зафатиле 271 лице, од кои 73 се хоспитализирани.

Во пожарите низ Мугла беа повредени 49 лица. Што се однесува до пожарот во Мерсин, АФАД наведе дека 6.386 лица од областите Ајдинџик и Силифка се евакуирани во безбедни области.

Во пожарите во Турција досега загинаа четири лица.

Слични содржини