Повеќе европски земји ги повикаа руските дипломати на консултации поради смртта на Навални

од Radmila Tasevska
182 прегледи

Неколку европски земји ги повикаа руските амбасадори на разговори по минатонеделната смрт на главниот критичар на Кремљ Алексеј Навални.

– Политички мотивираното судење против Навални, како и многу други критичари на руската Влада, како и нехуманите услови на притвор ја покажуваат бруталноста со која руското правосудство се однесува кон оние кои мислат поинаку, а исто така и средствата со кои претседателот Владимир Путин ја потиснува слободата на изразување, се наведува во соопштението на германското Министерство за надворешни работи.

Берлин исто така бара од Москва да ги ослободи сите политички затвореници во Русија, како и да ги разјасни околностите за смртта на Навални, кој, според руските власти, на 16 февруари починал во затвор и да му дозволи на семејството пристап до посмртните останки.

Од петокот стотици демонстранти протестираат пред Амбасадата на Русија во центарот на Берлин. Во 2020 година, по обидот за труење, Навални се лекуваше во Берлин.

Министерство за надворешни работи на Финска соопшти дека го повикало на консултации рускиот амбасадор за „да се нагласи дека Русија е одговорна (за смртта на Навални) и да побара целосна и транспарентна истрага.

– Продолжуваме да повикуваме на ослободување на сите политички затвореници во Русија, објави финското МНР на платформата Икс.

И шведското и шпанското Министерство за надворешни работи го повикаа на консултации рускиот амбасадор.

Естонија, Летонија и Литванија ги повикаа на разговор вршителите на должноста во руските амбасади во нивните земји.

На разговорите во Талин, Рига и Вилнус, балтичките земји ја осудија смртта на Навални и повторија дека Кремљ е одговорен за тоа. Тие, исто така, ја повикаа Москва целосно да ги објасни околностите за смртта на Навални и да го предаде неговото тело на семејството.

Министрите за надворешни работи на балтичките земји во заедничка изјава ги критикуваа и претстојните претседателски избори во Русија, кои, според нив, нема да бидат ниту слободни ниту фер.

– Поради целосното задушување на опозицијата и независните медиуми, недостатокот на кредибилни алтернативни кандидати и отсуството на меѓународен надзор, овие избори нема да имаат демократски легитимитет, се наведува во заедничката изјава.

Велика Британија уште на 16 февруари го повика на консултации дипломатите од Амбасадата на Русија.

Навални (47) поранешен адвокат, почина на 16 февруари по прошетка во Казнената колонија на поларните волци во Харпа, на околу 1.900 километри североисточно од Москва, каде што издржуваше 30-годишна затворска казна.

Руските истражители сè уште не ја утврдиле причината за смртта на Навални, чија портпаролка наведе дека руските власти одлучиле да го задржат телото на починатиот опозициски лидер уште 14 дена за да извршат „некаков вид на хемиско испитување“.

Слични содржини