Рочиштето кое денеска требаше да се одржи во Судот на Босна и Херцеговина за случајот против претседателот на Република Српска Милорад Додик, повторно е одложено.
Одбраната на Додик побара изземање на судијата Мирсад Штрика и уште седум други судии кои се активни во овој случај. На рочиштето Штрика рече дека „му се чини дека намерно се одолговлекува целиот процес“.
Адвокатот на Додик, Горан Бубиќ рано утринава изјави дека нема услови денеска да започне главниот претрес пред Судот на Босна и Херцеговина, бидејќи одбраната на в.д. директорот на Службен весник, Милош Лукиќ, побарала одложување на оваа расправа со оглед на тоа дека Лукиќ е во болница.
Сепак, судијата го одби ова барање.
Да потсетиме, Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинителен акт против Милорад Додик и Милош Лукиќ за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.
Во обвинението, меѓу другото, се наведува дека Додик и Лукиќ кривичното дело го сториле во периодот од први до 9 јули свесно, иако знаеле дека високиот претставник донел одлука за укинување на Законот за неизвршување на одлуките на Уставниот суд на БиХ, кој беше усвоен од НСРС.