Повторно затворен патот Приштина-Скопје, долги колони и до четири часа чекање за да се стаса до граница

од Vladimir Zorba
112 прегледи

Патот од Приштина до границата со Македонија, на делницата Качаник-Генерал Јанковиќ, денеска потворно е затворен за сообраќај поради градежни работи на последната траса  од автопатот „Арбен Џафери“, што предизвика долги колони од возила на патот кој води до границата со Македонија кај Блаце.

Патот се отвора само еден час во текот на денот, а се користи алтернативен пат, кој поминува низ крајпатни села, а за чие поминување со патнички и товарни возила се потребни и до четири часа.

Меѓународниот конзорциум „Бехтел-Енка“, кој го гради автопатот Приштина-Скопје, со договорот со Владата на Косово е обврзана да ги заврши работите до 31 декември. Меѓутоа, со оглед на ситуацијата на теренот, тоа нема никакви изгледи да се случи во споменатиот рок, така што, според пишувањето на косовските медиуми, можно е компанијата да биде принудена да плати пенали заради доцнењето.

Годинава косовската Влада донесе одлука, согласно спогодбата, да и плати на „Бехтел-Енка“ пенали во висина од 53 милиони евра заради доцнење на извршувањето на своите финансиски обврски кон неа. Тоа предизвика бурни реакции во косовската јавност, а има барања и за истраги за можни коруптивни зделки меѓу конзорциумот и Владата во Приштина.