Познат идентитетот на лицето кое МВР го приведе за лажните дојави за бомби

од Nikola Popovski

Идеолошкиот и аналитички центар (Think Tank Organization) „Conservative.mk“ информира дека нивен член е приведен поради сомнение за поврзаност со лажните дојави за бомби во средните скопски училишта. Според центарот, станува збор за Никола Николовски, кои како што велат, „со над 10 службеници е приведен повеќе од 4 часа“.

-ОДГОВОРНО ТВРДИМЕ И ДЕМАНТИРАМЕ ДЕКА НАШИОТ ЧЛЕН НИКОЛА ИМА БИЛО КАКВА ПОВРЗАНОСТ СО ОВИЕ НАСТАНИ. Никола е пред се општествено одговорен граѓанин, активист на Conservative.mk кој е активно вклучен во борбата против дезинформациите и fake news, кој со гордост ја претставувал Македонија на многу настани, натпревари и конференции, вклучително и во Европскиот Парламент, велат од „Conservative“.

Од тинк-танк организацијата потенцираат дека приведувањето на Николовски го сметаат за „класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците“.

-Но, слободната мисла секогаш на крајот победува, па затоа ќе се погрижиме овој настан да биде целосно расветлен пред органите. Вистинските лица кои стојат позади овој нарачан напад мора да понесат целосна одговорност, како и да се осигураме дека во иднина нема да постои можност од повторување на слични настани, стои во објавата на „Conservative“.

МВР претходно информира дека привеле лице со иницијалите Н.Н. од Скопје, поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во училиштата.

-Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите девет училишта, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, соопштија од МВР после денешните лажни дојави за бомби.

Од минатата недела во четири наврати имаше лажни дојави за бомби во неколку средни училишта, по што школите беа евакуирани, а настават беше прекината во текот на денот.

Слични содржини