Си-Ен-Ен го откажа интервјуто со иранскиот претседател Ебрахим Раиси откако новинарката на мрежата Кристијане Аманпур го одби неговото барање да ја покрие главата со марама за време на интервјуто со него во Њујорк.
„Ние сме во Њујорк и тука нема закон или традиција во врска со хиџабот“, напиша подоцна Аманпур на Твитер.
Раиси учествува на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а ова би било негово прво интервју на тлото на САД.
Новинарката на Си-Ен-Ен рече дека никој од претходните претседатели не барал од неа да ја покрие главата додека ги интервјуира надвор од Иран.
Како што изјавила, еден од соработниците на Раиси ѝ го доставил барањето со образложение дека тоа е „прашање на почит“ и дека разговорот ќе биде откажан доколку не биде покриена, по што Аманпур и нејзиниот тим го напуштиле интервјуто.
Protests are sweeping Iran & women are burning their hijabs after the death last week of Mahsa Amini, following her arrest by the “morality police”. Human rights groups say at least 8 have been killed. Last night, I planned to ask President Raisi about all this and much more. 1/7
— Christiane Amanpour (@amanpour) September 22, 2022
Новинарката рече и дека соработникот на Раиси ѝ објаснил дека барањето ѝ е испратено „поради ситуацијата во Иран“.
Би-Би-Си потсетува дека Раиси на 15 август потпиша указ за нови ограничувања, според кои, меѓу другото, се пропишуваат казни за неносење хиџаб, а за таа цел биле поставени и камери за надзор. Покрај тоа, секој што ќе го оспори правилото за покривање ќе се соочи со затворска казна.
Последниве денови Иран го потресоа протести поради смртта на младата Иранка Махса Амани, која почина во притвор, откако беше уапсена од полицијата за моралот затоа што, наводно, не носела хиџаб „соодветно“, т.е. не била целосно покриена. За време на протестите, наводно, биле убиени повеќе од 30 луѓе.
Нејзиното семејство се сомнева дека Амани била мачена во затвор, а активистите тврдат дека таа претрпела фатален удар во главата. Полицијата, пак, тврди дека 22-годишната Иранка починала од случајна смрт во притвор. Раиси најави дека ќе има истрага за нејзината смрт.