Екстерните испити во рамки на државната матура од оваа учебна година, ќе се полагаат во периодот од 29. мај до 14. јуни.

Како што е познато, листата на изборните предмети е проширена за два предмети, односно географија и информатика, а сите испитни програми ќе имаат своја скратена содржина.

До крајот на оваа година, матурантите треба да се пријават за тоа каков вид на матура ќе полагаат. Имено, ќе одлучат дали ќе полагаат – државна матура (за матуранти кои планираат да се запишат на факултет); училишна матура (за матуранти кои нема да продолжат во високото образование и ќе полагаат пред училишна комисија) и завршен испит (за матуранти од стручно образование кои нема да полагаат државна матура).

Минатата недела, Државниот испитен центар ги формираше комисиите кои ќе ги изготват прашањата за испитите од двата нови изборни предмети влезени во програмата.

Покрај трите екстерни испити, инаку, државната матура ќе опфати и еден интерен испит за предмет по избор на учениците, како и проектна задача чија тема треба да се пијави најдоцна до 30. ноември.

Инаку, што се однесува до проектната задача во гимназиите, матурантите ќе треба да направат истражувачки труд, наместо есеј како што беше досега.

Целта е да ги научиме учениците како да работат миниистражувања – собирање податоци, селекција, извлекување заклучоци. Ова е затоа што често во гимназиите се пишуваа раскажувачки есеи, понекогаш и преземени и преведени од интернет. На овој начин ќе ги подготвиме и за високото образование каде што истражувањето е составен дел од семинарските, колоквиумите итн., вели Елизабета Наумовска, директор на Државниот испитен центар.

Иако законски само матурантите со положена државна матура може да се пријават на факултет, тоа не беше секогаш почитувано и контролирано, па факултети со помалку пријавени, запишуваа и кандидати со партиципација кои имаат училишна матура.

„Но, тука е ставено точка. Многу факултети манипулираа и ги запишуваа и учениците со училишна матура, која се реализира во училиште со прашања што ги изготвуваат професорите од училиштето, што е полабаво отколку државната матура. Тоа не беше праведно кон оние што се запишуваа со положена државна матура“, додава директорката на ДИЦ.

За потсетување, државната матура кај нас се спроведува од 2007. година, а поради пандемијата оваа година за првпат не се оддржа. Владата и МОН пролетта одлучија за генерацијата 2019/2020 да нема матурски испит и им овозможија на матурантите да се запишат на факултет со уверение за завршено средно образование.

Слични содржини