„Прашањето со Бугарија е затворено“: Португалија дава поддршка на Македонија во преговорите

од Берта Китинска
857 прегледи

Од суштинско значење во меѓународната политика е да верувате на дадениот збор, на ставениот потпис и на преземената обврска. Билатералното прашање на Северна Македонија со Бугарија е заокружено, има за него заклучок и тоа беше забележано со меѓувладината конференција, кажа денеска од Скопје, португалскиот министер за надворешни работи, Гомес Кравињо.

Тој напомена дека Португалија и натаму ќе ја поддржува нашата земја во текот на целиот процес на пристапување во ЕУ.

– Вложивме многу напори во текот на нашето претседавање да составиме еден предлог со кој сакавме да биде прифатен. Што го прави францускиот предлог подобар? Во политиката целта не е да се постигне се, туку она што е возможно. Ако погледнете над хоризонтот, а не да се сконцентрирате само на моменталните случувања. Затоа оддавам признание на македонското раководство за надминување на потешкотиите и што го помрдна процесот напред. Направен е многу важен чекор напред. Веруваме дека договорот кој е постигнат е договор којшто овозможува почеток на процесот на скрининг што е доста интензивен и технички има две фази. Првиот е објаснувачки скрининг, ЕК ги објаснува различните фази односно аспекти на законодавството, потоа следува билатералниот скрининг кога се утврдуваат јазовите во законодавната рамка на Северна Македонија, вели Гомес Кравињо.

Тој појасни дека почнува овој скрининг процес, потоа ќе се одржи втората меѓувладина конференција веднаш штом ќе заврши скринингот и штом ќе се заокружат уставните измени, оценувајќи дека сите земји имаат тешки моменти во текот на преговорите, но во случајот на Северна Македонија не гледа причина дека ќе има билатерални блокади.

На прашањето за унилатералната изјава на МНР во однос на македонскиот јазик, министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека таа е политичка изјава на Министерството, а не е историска изјава во која што историчарите треба да кажат историска вистина.

Според него, таа политичка изјава ги има трите најважни елементи – континуитетот, односно временскиот и просторниот континиум, неможноста да се разговара или потпишува договори со ЕУ на поинаков начин и дека јазикот е официјален на цела територија и во надворешните односи. Османи рече дека во однос на унилатералната изјава успеале да ги имаат сите три елементи и покрај тоа што предлогот од германското до француското претседателство бил само да се наведе дека е официјален јазик кодифициран во 1945 година.

– Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на ЕУ. Долгогодишните разочарувања, пречки и блокади ги претворивме во дополнителен предизвик кој ни овозможи со аргументи, истрајност и верба во добрососедските односи, да дојдеме до решение за отпочнување на преговори за членство. Се согласивме дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист – за Северна Македонија, за регионот, но и за кредибилитетот на ЕУ во насока на довршување на процесот на европското обединување, истакна Османи на прес-конференцијата со Гомес Кравињо.

Слични содржини