Собранието денеска одржа продолженија на 14. пленарни седници, а последна од нив беше 106. седница на која заврши расправата за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање. За Законот, кој се носи со европско знаменце, ќе се гласа дополнително.
Законот предизвика широка дебата меѓу пратениците, меѓу другото и поради, ченот 3 од измените со којшто ќе се легализираат електронските и интернет игри на среќа, што е предвидено да се приредуваат од страна на трговско друштво, самостојно или со основање на трговски друштва со други приредувачи на овој вид на игри на среќа.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се против овој закон, за кој велат дека скандалозно е што воопшто се дебатира за него денес и посетуваат дека и евроамбасадорот реагирал што тој се носи со европско знаменце.
Пратеничката Гордана Силјановска Давкова рече дека сега се гледа дека законот всушност се носи „за проширување и за доградба со електронски игри на среќа“ и дека ваков закон не постои во Европа и дека нема „заедничка европска политика за комар“.
-Јавна тајна е дека најопасното нешто во овој закон е фамозниот член 3 за проширување и доградба со електронски игри на среќа. Сега зависниците барем прошетуваа до играчницата, сега дома ќе се закочат и ќе играат. Нема да има контрола и на тоа дали малолетни тоа го прават, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Силјановска Давкова рече дека во јавноста се договри дека ваков пилот проект има во Визбегово. -Таму си течат овие постапки кои сега ќе се легализираат затоа што тоа е владин проект, да не речам проект на првиот заменик премиер, чија пријателска свита всушност е главна во овој бизнис, рече таа.
Халил Снопче од АА побара од ВМРО-ДПМНЕ да каже кој е нивниот став по ова прашање обвинувајќи го претседателот на Комисијата за финансирање Бојан Стојановски што не го ставил на дневен ред на седницата на Комисијата нивниот закон со којшто се бара затворање на сите коцкарници.
-Иако сме дел од власта, ние не ја поддржуваме оваа точка, кажа Снопче.
Стојановски реплицираше дека за законот на АА има негативно мислење од Владата, како и дека кога се дебатирало за законот што е на дневен ред, пратениците од АА не дошле на седницата.
Со законот меѓу другото се предвидува соработниците на друштвото кое поднело
барање за лиценца или кои сакаат да влезат во постојно друштво кое има
лиценца за игри на среќа мора да поседуваат репутација, деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во обложувалница и автомат клуб, томболата од затворен тип и електронските игри на среќа треба да се наоѓаат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основните и средните училишта. Исто така се предлага начинот на мерење на оддалеченоста да се утврдува со правилник пропишан од министерот за финансии и да се воведе надзорен информациски систем за приредувачите на електронските и интернет игри на среќа. Се зголемува и месечниот надоместок за лотариските и електронските игри на среќа, а електронските игри на среќа ќе можат да се приредуваат во простории каде што се приредуваат посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии. Се воведува нов начин на пресметка и плаќање на посебната давачка кај приредувачите на посебните на среќа (казина, обложувалници и автомат клубови), се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за обложувалница од 105.000 евра на 200.000 евра и се ограничува бројот на уплатно-исплатните места на 25 со една издадена лиценца. За секое следно уплатно-исплатно место над 25- тото, приредувачот ќе треба да плаќа надоместок во износ од 10.000 евра, а се зголемува и надоместокот за издавање на лиценца за автомат клуб од 78.750 евра на 100.000 евра. Лиценцата за приредување на игри на среќа во автомат клуб се однесува за три деловни простории и се воведува надоместок од 30.000 евра. Се зајакнува и регулативата во делот на интернет игрите на среќа со имплементирање на препораката на Препораката на Комисијата за принципите за заштита на потрошувачите и играчите на онлајн услугите за коцкање и за спречување на малолетници од коцкање преку интернет.