Собранието вечерва со седум гласа „за“ и 52 „против“ ја отфрли интерпелацијата за првиот потпретседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
Одговорност за работата за спроведување на Рамковниот договор поради неспособноста и неговиот пораз во унапредувањето на меѓуетничките односи, побара вечерва коалицијата „Европски фронт“ од вицепремиерот првиот потпретседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
Интерпелацијата ја образложи пратеничката Дијана Тоска од коалицијата „Европски фронт“, која рече дека интерпелацијата се однесува и за третирањето на односите и случките кои, како што рече, ја ставиле во опасност состојбата и безбедноста на државата.
– Иван Стоилковиќ место да биде гаранција за хармонија и стабилност, се претвори во симбол на неспособност и отсуство на волјата да се почитуваат основните принципи на правото, нагласи Тоска. Праша што направил досега Стоилковиќ за да се спроведе Охридскиот рамковен договор, а за случајот со славењето на албанското знаме рече дека виделе бруталност и првокација која, како што рече, не била осудена од институциите. Го обвини за неспособност при менаџирање на меѓуетничката состојба и упати прашања како се почитува албанскиот јазик и албанското знаме.
Вицепремиерот Стоилковиќ рече дека неговата интерпелација му е нејасна, а исто така и на медиумите и македонската јавност.
– Суштината на мојата интерпелација се затскриваше зад приказната како тоа Србин може да биде министер во македонската Влада. Како местата за министри да се резервирани само за ДУИ или за некој друг. Лутањето во врска со интерпелацијата и моето вклучување во настаните од 28 ноември кога се одбележуваше албанското знаме е само една маркетинг приказна за да ги внесе Србите во таа приказна, ни криви ни должни преку мене, рече Стоилковиќ.
Според него, ДУИ глумела жртва подолг период и додаде оти глумат и сега за да предизвикаат емотивна врска со нивни гласачи зошто оваа година не очекуваат локални избори. Според него, ДУИ креираат виртуелна реалност, креираат опасности и проблеми за потоа да ги решаваат. Тој рече дека се залага за еднаков третман на сите етнички заедници во земјата, праша каде е доказот за тоа дека не го почитувал албанскиот јазик. Посочи дека ресорното министерство беспрекорно функционира, сите доаѓаат на работа, се работи, иако, како што рече, најголем дел од вработените се Албанци и од ДУИ. Порача место да се шири омраза и нестабилност, да се преиспитаат ДУИ.