Министерството за правда вчера ги објави и експертите кои ќе учествуваат во работната група за уставни измени. Меѓу нив се Сали Мурати и Бранко Наумовски – поранешни претседатели на Уставниот суд, поранешниот член на Уставниот суд Бајрам Положани, кој е професор по уставно право, Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, и наставници на различни факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа и Меѓународниот Славјански Универзитет – Јетон Шасивари, Ана Чупеска, Елена Михајлова Стратилати, Беса Арифи, Јагода Митревска и Марија Пандевска. Од Министерството за правда прецизираат дека списокот на работната група ќе биде дополнет со други членови кои ќе придонесат за подготовка на уставните измени.
Од институциите предложени се Александар Спасов од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.
Ова работно тело го формираше Министерството за правда, кое е задолжено од Владата да го подготви предлогот за неопходноста од уставни измени. Владата е носител на уставните измени. По изготвениот предлог за измена, ќе треба да помине на сите работни тела во парламентот. Паралелно ќе се одржат и јавни расправи на кои ќе може да се изјаснат експерти, партии, граѓански организации и други институции, посочија од ресорот Правда.
На 11-ти април беа објавени имињата на претставниците на политичките партии кои ќе учествуваат во работната група, која треба да излезе со предлог за конкретни текстови за промена на уставот, со кои Бугарите во Северна Македонија ќе бидат вклучени во основиот закон. Опозициските партии не испратија свои претставници во работното тело.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера уште еднаш изрази надеж дека опозицијата сепак ќе ги поддржи уставните измени кои треба да и го отворат патот на земјата кон ЕУ.
Коментирајќи го предлогот на универзитетскиот професор по уставно право Александар Спасеновски за менување на актуелниот државен грб како можна отстапка кон ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски ја повика опозицијата слободно да ги достави своите предлози до Комисијата за уставни прашања која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму ќе се разговара за нив.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, му реплицира на Ковачевски дека нема да учествуваат во работната група ниту ќе достават предлози за измена на Уставот и оти за време на овој парламентарен состав тоа нема да се случи. Го повика Ковачевски, ако смета дека има поддршка во Парламентот, да ги достави на усвојување уставните измени, но ако се покаже спротивното, да се оди на предвремени парламентрани избори.
Вклучувањето на Бугарите во Уставот е вклучено во преговарачката рамка како услов за одржување на втората меѓувладина конференција и отворање на преговорите за патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ.
Измената на Уставот го прогласува Собранието.