Кривичниот суд во Париз објави дека на 13 мај ќе ја изрече пресудата за актерот Жерар Депардје за сексуално вознемирување на две жени за време на снимањето на филм во 2021 година. Француското обвинителство во четвртокот побара 18-месечна условна казна и парична казна од 20.000 евра за Депардје, објави весникот „Le Parisien“ и други тамошни медиуми.
Седумдесет и шестгодишниот Депардје, истакната личност во француската кинематографија, е обвинет за сексуално вознемирување на две жени.
Ова е прв пат актерот, кој се соочува со бројни обвинувања за сексуално вознемирување низ годините, да се најде пред судија.
Депардје призна дека ја фатил една од жените за бутот, но негираше дека тоа е напад.
Неговиот адвокат истакна дека наводите против неговиот клиент се лажни и дека истражителите биле пристрасни.