Во изминатиот период многу актуелни беа вестите околу војната помеѓу Русија и Украина. Во светот има разни реакции, поддршка си даваат на своите сојузници или пак даваат свои мислења и ставови. На телевизии, медиуми и социјални мрежи имаме разни анализи од многу луѓе, со свои гледишта и верувања, но тоа што мене многу ме изненади беа оние кои ја посакуваа оваа војна, што мене многу ме изненади. Се запрашав тогаш и сега гласно ги прашувам сите, како после толку војни и страдања може да има некој кој свесно би сакал војна? Како може некој да има такво верување или поглед кон светот?
Најпрво, би сакал да го цитирам Џорџ Сантаја, “Those who cannot remember the past are condemned to repeat it“ кој според мене одлично ја опишуваа моменталната состојба, а топло им препорачувам на тие кои пропагираат и сакаат да има уште поголема војна, заедно со тие кои во иднина ќе сакаат нови војни слободно да ги прелистаат учебниците по историја и да научат какви се војните и што носат истите и што ќе се случи ако нивните желби бидат остварени. Пред само седум децении заврши втората светска војна, најкрвавата и најтешката војна од сите досега. После тоа за прв пат во историјата ги суделе за сторени злосторства кон човештвото. Околу триесет години пред тоа беше првата светска војна, таа која се гледаше како војната која ќе ги „заврши“ сите војни во иднината.
После секоја војна, како изгледа светот? Разрушен, уништен, надежен или безнадежен, зависно дали победила нивната страна. Човечките животи уништени, згаснати, луѓе кои страдале и повторно ќе страдаат поради ниски животни стандарди. После првата светска војна, луѓето не ја послушале историјата и ја повториле, овојпат со полоши последици, а очигледно станува дека и сега пак ја игнорираме истата. Во овие војни луѓето го губеле животот, цели семејства умирале, родители останувале без деца и деца без родители. Зарем не научивме ништо од тие војни, па да сфатиме колку многу е полесно да се живее во мир како што ние денес живееме?
Иако имаме среќа што живееме во Македонија поради тоа што војната во Украина и Русија нема да дојде до нас, доколку не заврши брзо конфликтот помеѓу Русија и Украина, може да дојде до други последици. Не можеме заборавиме дека скоро две години живееме во светска пандемија, која се уште делува неконтролирана. Јас поставувам едно прашање до сите светски релевантни лидери и фактори, како имаат намера да не извлечат од оваа состојба во која и сега се наоѓа светот, вклучително и Македонија. Економија со инфлација, со драстично поскапување, луѓе со изгубени работни места, со намален животен стандард и општо социјална загрозеност.
Овде е легитимно да се постави уште едно прашање: ако сето ова ни го направи светската пандемија од КОВИД-19, тогаш што се може да ни направи војната? Во војна секогаш снемува основни егзистенционални производи за опстанок, ќе се прекине увозот и извозот помеѓу државите, заради војната фабриките ќе престанат да работат и производството ќе се намали. Ќе немаме ниту животен стандард затоа што истиот ќе падне на минимална егзистенционална граница, а со паѓањето на економијата, и луѓето ќе бидат исплашени и параноични, но за жал, овој пат ќе нема вакцина затоа што се уште не е пронајдена вакцина против војна. Никогаш немало добра војна или лош мир.
Вистинскиот лек за војната е мирот, затоа што сите други опции се страдање и уништување. Доколку не дај боже војната се прошири низ Европа и Балканот покрај нас, што не е невозможно, тогаш животот во пандемијата за кој што се жалевме, може да ни изгледа како рај, но секако тоа ќе биде само во случај ако ние луѓето дозволиме така да се случи. Јас не завземам страна во ниедна војна, туку секогаш се завземам за мир. Припаѓам на страната каде народот се почитува, се сака, не војува поради нечии интереси и политики на елитата. Поради тоа треба да се избориме за мирот и да останеме на таа опција, бидејќи како што кажав и погоре, тоа нешто сме го научиле од нашите предци и дедовци. Правете ајвар, а не војна!
Јовица Јанковиќ
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот