На денешната конференција по повод 10 декември, Меѓународен ден на човековите права, Народниот правобранител Насер Зибери образложувајќи го Извештајот од спроведената анализа, истакна дека со дел од институциите нема доволно соработка.
– Министерствата за здравство, за транспорт и врски, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, МВР поготово Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги, Управниот, Врховниот суд, Основниот граѓански суд Скопје, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ОЈО Охрид, Кичево и генералниот секретаријат на Владата, Управата за водење матични книги, Државниот завод за статистика, Град Скопје, општините Берово, Кочани, Тетово, Битола, неколку јавни претпријатија комунални и државни се органи кои или соработуваат со постојано наше инсистирање или воопшто не одговараат по интервенциите на народниот правобранител, а најчесто доставуваат формални одговори кои не овозможуваат ефикасна заштита на правата на граѓаните, рече Зибери.
Тој апелираше до овластените органи да вршат влијание врз овие институции во иднина да се подобри соработката со Народниот правобранител, да даваат навремени и суштински одговори во законски увтрдени рокови.
Правосудството, како што нагласи Зибери, е област која традиционално е на врвот на листата на поднесени претставки од граѓаните. Во периодот кој беше предмет на оспервација на анализата Народниот правобранител евидентирал дека се примени вкупно 300 претставки, најголем број од овие претставки се однесуваат на работата на судовите и тоа вкупно 49 претставки, потоа извршителите со 31 претставка. Од добиените одговори од органите 99 се суштински и целосни, додека 14 се формални.
– Како заклучок на тоа е дека одговори во законски утврдениот рок доставуваат апелационите судови во Скопје, и Гостивар, извршителите, нотарите, адвокатската комора, основните судови, Министерството за правда, комисиите за прекршоци при МВР, Апелациониот суд Битола генерално соработуваат коректно со Народниот правобранител и доставуваат суштински и целосни одговори иако најчесто по изминатиот законски утврден рок. Додека, Управниот суд, Врховниот суд, доставуваат само формални одговори и тоа по упатени неколку ургенции, рече Зибери.
Втора област каде е голем бројот на претставки се потрошувачките права и во дадениот период се примени 163 претставки, за 120 од нив се преземени вкупно 140 дејствија.