Мотивите за одлуката на ЕК да скрати дел од програмските финансии од ИПА, се темелат на извештајот за Македонија од Европскиот суд на ревизори, велат извори упатени во одлуката-пишува DW.
Списокот на забелешки не е мал, а според добро упатени извори, мотивите за одлуката на ЕК доаѓаат по извештајот на Европскиот суд на ревизори, објавен на 27 јуни, а се однесува на искористеноста на ИПА-фондовите.
„Поддршката од фондовите на ЕУ, обезбедени како претпристапна помош со цел Република Македонија да го зајакне својот административен капацитет, има недоволно влијание, делумно поради недостиг на активна поддршка од националните власти“, се вели во извештајот на Европскиот суд на ревизори. Во него се заклучува дека во клучните области, како што е борбата против корупцијата и јавните набавки, националните македонски власти треба да остварат подобра употреба на придобивките создадени со фондовите на ЕУ.
„Наводите на ова независно тело мора сериозно да бидат земени предвид, бидејќи на темелен начин ги утврдуваат слабостите и ги даваат препораките за нивно надминување. Пред наодите на ревизорите и политичките ‘богови’ молчат“, велат извори упатени во мотивацијата на одлуката на ЕК.
По срамните и насилни студентски избори, протест пред универзитетскиот ректорат
Во периодот меѓу 2007 и 2013 година, Унијата издвоила 615 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за да ѝ помогне на Република Македонија да се подготви за членство во ЕУ. Поддршката продолжи и во рамките на ИПА 2, со распределба на 664 милиони евра за периодот од 2014 до 2020 година. Ревизорите ги испитувале проектите во три главни сектори: реформа на јавната администрација, транспорт и животна средина.
„Иако изградбата на административниот капацитет на државата е приоритет, ревизорите открија дека во ревидираните области е направен релативно ограничен напредок“, се наведува во извештајот, со забелешка дека инвестициите во инфраструктурата не биле поткрепени со доволно активности за успешно промовирање на т.н. „учење преку реализирање“. За многу од проектите, кои биле предмет на ревизија, било оценето дека „недоволно се вклопуваат во еден кохерентен, кохезивен и координиран пристап или дека не биле соодветно следени“.
Ревизорите ѝ препорачаа на ЕК подобро да се концентрира на утврдените слобости, а на македонските власти да се посветат на клучните предизвици.
„Властите мора силно да се концентрираат на две клучни работи – борбата против корупцијата и јавните набавки. За тоа земјата треба да има многу посилна посветеност отколку досега. Исто треба да се знае дека ова е одлична шанса да се добие подобра јавна администрација“, изјави Ханс-Густаф Весберг, член на Европскиот суд на ревизори.
Ваквите забелешки доаѓаат во време на растечка политичка криза, и кога Владата најави суштински реформи, но досега не се случи инклузивен дијалог по тоа прашање со партиите во опозицијата. Аналитичарите не се оптимисти дека кратењето на европските средства ќе ги „разбуди“ властите. Стравуваат дека тоа само ќе ги зголеми обвинувањата на релација власт-опозиција и дека нема да даде брз ефект во насока на деблокирање на преговорите.
Повеќе ТУКА