Предлог за притвор за Косовец кој давал поткуп на полициски службеници на Блаце

од Nikola Popovski
254 прегледи

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против косовски државјанин за кого постои основано сомнение дека го сторил кривичното дело – Давање поткуп од член 358 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 56-годишник, утринава бил лишен од слобода на граничниот премин „Долно Блаце“, при излез од земјава кон Република Косово, кога им дал поткуп од 50 евра на полициските службеници кои вршеле проверка на неговото комбе. Парите ги ставил во неговата патна исправа, обидувајќи се да го убеди раководителот на смена на граничниот премин да го пропушти на излез без проверка на возилото. Трговската стока што ја пренесувал во комбето, по наредба на јавен обвинител е фотографирана и предадена на Царинската управа за натамошна постапка.

Оценувајќи дека во конкретниот случај постои опасност осомничениот да се даде во бегство, особено со оглед на фактот што станува збор за странски државјанин, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Слични содржини