Цените на нафтата денеска скокнаа за речиси 4,0 отсто, откако Европската унија го претстави планот за постепено укинување на увозот на руска нафта.
Европската сурова нафта „Брент“ за испорака во јуни (идни договори) се зголеми за 3,76 долари или 3,6 отсто, на 108,73 долари за барел на тргувањето до 13:53 часот по средноевропско време, додека американската сурова нафта WTI поскапе за 3,93 долари или 3,8 отсто на 106,34 долари за барел, пренесува Ројтерс.
Претходно денеска, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Европскиот парламент презентираше предлог за ембарго на увоз на руска нафта, со кој се предвидува постепено завршување на купувањето на тоа руско гориво во рок од шест месеци, како и прекин на купувањето нафтени деривати од Русија до крајот на 2022 година.
Таа вети дека ЕК ќе направи се што е потребно за да го минимизира влијанието на ембаргото врз европските економии, наведува британската агенција.
„Руската нафта сега е „лоша нафта“. Енергетската војна меѓу „добра нафта“ против „лошата нафта“ штотуку започна“, рече Бјарне Шилдроп, главен аналитичар во скандинавската банкарска групација СЕБ.
Инвеститорите на нафтениот пазар денеска ја чекаат и одлуката на Федералните резерви на САД за зголемување на основната каматна стапка со цел да се ограничи разгорената инфлација, како и објавување на официјалните податоци на Агенцијата за енергетски информации за состојбата на американските залихи на нафта.