Фустанот што пејачката Ејми Вајнхаус го носеше на нејзиниот последен концерт во јуни 2011 година во Белград, беше продаден на аукција одржана во саботата и неделата за повеќе од 243.000 долари, што е 16 пати повеќе од првичната проценка на организаторите.
Британската пејачка, која почина на 27 години борејќи се со тешка зависност од алкохол и дрога, на тој концерт беше исвиркана од дел од публиката, каде дошла пијана. Турнејата беше откажана, а Ејми почина еден месец подоцна.
Таа вечер носеше мини зелено-црн фустан со цветни и бамбусови мотиви, дело на стилистката Наоми Пери.
Аукциската куќа Julian Auctions очекуваше да го продаде парчето облека по цена од 15.000 до 20.000 долари.
На продажба беа понудени 800 артикли – облека, модни додатоци, музички инструменти, книги, носачи на звук… Организаторите очекуваа да соберат вкупно два милиони долари, но на крајот понудените предмети беа продадени за повеќе од четири милиони.
Меѓу нив, освен облеката на Ејми, имаше и рачно напишани белешки и други работи кои станаа дел од нејзиниот имиџ.
Црвената кожна чанта во форма на срце, потпишана од модната куќа Moschino, која Вајнхаус ја носеше на доделувањето на Брит наградите во 2007 година, кога ја освои наградата за најдобар соло уметник, продадена е за 204.800 долари, што е 13 пати повеќе од проценетата, додека златниот фустан на модниот бренд Dolce&Gabbana, кој го носеше таа на еден од настапите, достигна цена од 150.000 долари, што е дури 30 пати повеќе од цената на која се надеваа на аукциската куќа.
Комбинезонот „Temperley London“ што го носеше на настап организиран како дел од прославата на 90-тиот роденден на Нелсон Мандела е продаден за повеќе од 121.000 долари. Пред аукцијата беше проценет на 1.000 долари.
Штиклите на Christian Louboutin, кои во истата прилика ги носеше „под чеканот“, отидоа за 38.400 долари или за 64 пати повисока цена од првично очекуваната.
Два пара од нејзините розови балетанки се продадени за 12.500 и 19.200 долари, а металниот уличен знак на кој пишуваше „Camden Square“ на кој обожавателите рачно ги напишаа своите посвети по смртта на Ејми се продаде за 19.200 долари.
Сите приходи од аукцијата, организирана од аукциската куќа наречена „Животот и кариерата на Ејми Вајнхаус“, се донирани на фондацијата основана од нејзините родители во спомен на нејзината прерано почината ќерка, а средствата треба да помогнат во лекувањето на младите луѓе зафатени во виорот на зависноста.
Вејхаус почина во јули 2011 година, од труење со алкохол, по долга борба со зависноста.