Музејот на науки во Лондон и библиотеката на Универзитетот Кембриџ потврдија дека набавиле голема колекција на предмети што му припаѓале на физичарот Стивен Хокинг (1942-2018), од неговата инвалидска количка до значајни дела во теоретската физика и сценарија за неговото појавување во ТВ серијата „Симпсонови“.
Целокупната содржина на кабинетот на Хокинг во Кембриџ, која тој ја користел во последните 16 години од својот живот, неговата комуникациска опрема, сувенири, облози кои ги правел во научни дискусии и канцелариски мебел, ќе биде зачувана како дел од колекцијата што припаѓа на Музејот на науките, пренесува АП.
Избраните предмети ќе бидат изложени во Лондонскиот музеј на почетокот на следната година, а претставниците на музејот се надеваат дека ќе организираат патувачка изложба низ Велика Британија пред да ја постават како трајна во Лондон.
Децата на Хокинг, Луси, Тим и Роберт, изјавија дека се задоволни што делото на нивниот татко ќе биде зачувано за јавноста во идните генерации.