Британскиот премиер Дејвид Камерон го финализира составот на својот кабинет и ги претстави пред пратениците од конзервативната партија приоритетите на втор премиерски мандат, пренесе Франс прес. На прво место меѓу овие приоритети е договарање на местото на Велика Британија во Европската унија, забележуваат агенциите.
Четири дена по неочекуваната победа на британските парламентарни избори, конзервативниот лидер заврши со составувањето на владата и го испочитува принципот за континуитет и го зголеми бројот на жените во кабинетот, а исто така и на евроскептиците од партијата.
Уште по изборите Камерон манифестираше волја за континуитет, оставајќи ги на позициите четири од водечките министри – Џорџ Озборн за финансии, Тереза Меј за внатрешни работи, Филип Хамонд за надворешни работи и Мајкл Фалон за одбрана. Некои други номинации беа објавени викендов, меѓу кои онаа на Мајкл Гоув, кој стана министер за правда, на Ники Морган, кој ја задржува функцијата министер за образование и евроскептикот Марк Харпер, кој станува шеф на парламентарното мнозинство на конзервативците и кој е задолжен да се грижи за партиската дисциплина при гласањето во парламентот.
Пред да се сретне со новите пратеници конзервативци во парламентот, Камерон најави уште десетина дополнителни номинации. Меѓу нив се оние на дамите Амбер Руд, на чело на Министерството за енергија и климатски промени и онаа на Прити Пател, кој станува државен министер во Министерството за труд и пензии. Саџид Џавид беше назначен за министер за бизнисот, а Иан Данкан Смит останува на функцијата министер за труд и пензии.
Ексцентричниот градоначалник на Лондон Борис Џонсон, кој има амбиции еден ден да ја предводи Конзервативната партија не доби министерска позиција, но сепак и за него имаше утешна награда. Тој добива право да присуствува на седниците на политичкиот кабинет на Камерон. Тоа значи дека тој ќе присуствува на некои седници на Министерскиот совет кои се одржуваат и со учество на малкумина политичари кои не се министри.
Камерон има кревко мнозинство во парламентот / 331 од вкупно 650 пратеници /. Тој треба да обрнува особено внимание на односите со пратениците и особено со евроскептичното крило во партијата, што е нетрпеливо “да заврши со Брисел” и не би погледнал со лошо око на излегувањето на Велика Британија од блокот, забележува Франс прес.
На средбата со новите конзервативни пратеници во парламентот Камерон ја истакнал важноста на единството во наредните пет години, рече неименуван евроскептичен пратеник конзервативец пред Франс прес на излегување од средбата.
Медиуми тврдеа дека Камерон сакал да изјави пред пратениците дека Велика Британија има намера да го обнови врските со Европа и да се увери дека ќе добие подобар договор за Британците, потсетува Франс прес.
Камерон сака во прво време да се обиде да ги предоговори условите на британското членство во ЕУ, како на пример да се добие право на вето на одлуки, за кои Велика Британија би можела да смета дека ќе ги нарушат нејзините национални интереси. Камерон сака исто така да го ограничи протокот на европски имигранти и воведе услови под кои тие добиваат некои социјално осигурување.
