ВМРО-ДПМНЕ речиси без прекин го повторува барањето за брзи предвремени избори напролет. „За жал не гледаме голема респонзивност и затоа најдобар начин да се реши оваа криза се брзи предвремени избори, најдоцна пролет 2023 година. Затоа што не смееме да заборавиме дека кризата ќе е малце подолга, и дека доаѓа уште потешка зима а тоа е зимата во 2023 година“, изјави во неделата потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Истото барање и вчера беше истакнато, овој пат од лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. „Додека Македонија има многу проблеми, тој онака храбро како комедијант одлучува да ме навредува мене и ВМРО-ДПМНЕ на неговите настапи. Ако е толку храбар, да одиме на предвремени парламентарни избори, па народот да даде оценка на кого ќе верува“, рече Мицкоски за премиерот Димитар Ковачевски.
За секојдневните повици од страна на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори, говорат и дел од политичките аналитичари. На прашањето дали најголемата опозициска партија има капацитет да ја води државата, поранешниот претседател на Општинскиот комитет на партијата во Центар и екс-амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров во разговор за „Локално“ вели дека капацитетот не е некој голем атрибут.
-Едноставно, власта се добива на избори, независно дали некој има или нема капацитет. Од сегашнава власт беа ветени инвестиции, подобро здравство, подобро образование итн. Инвестиции нема, здравството е во колапс, образованието без учебници. Истото може да се случи и со следната влада, истакнува Есмеров.
Тој е дециден дека парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024та година, а во периодот кој следи ќе бидеме сведоци на уставни измени.
-Доколку ВМРО не учествува во уставните измени, целосно ќе го изгуби коалицискиот капацитет со некоја албанска партија во иднина, а евентуалната коалиција би била условувана по прашањето на уставните измени. Во суштина, колку и да се противат, сепак ќе мораат да прифатат промена на Уставот, порачува Есмеров.
За тоа „колку ВМРО-ДПМНЕ изгуби со „приклонувањето“ на Алијансата кон власта“ вели дека ваквата коалиција на сите против ВМРО може да донесе 61 пратеник на контото на опозицијата после следните избори.
-Во такво сценарио може да се случи да нема коалициски партнер во ниту една албанска партија што би довело до етнички тензии и релативна нестабилност, посочува соговорникот и додава:
-Маневарот за коалиција на ВМРО со албанска партија е минимален, но бидејќи сите претходни напишани и ненапишани правила се прекршени и веќе отворено се сугерира граѓанскиот концепт, дури и од меѓународниот фактор, доколку ВМРО дојде до 61 или 65 пратеници, без или во коалиција со Левица, не би бил изненаден министерските места да ги поделат меѓусебно или можеби да им бидат доделени 2-3 министерски места на некоја помала албанска партија. Сепак, ние тежнееме да бидеме граѓанско опшество.
Поранешниот македонски амбасадор во Унгарија смета дека Левица се повеќе закана за ВМРО-ДПМНЕ.
-Левица е ултра десна партија која повеќе зборува за националниот идентитет, отколку за социјални прашања. Издигнувањето на Левица е резултат на претераниот притисок и политички реваншизам врз ВМРО, кој помеѓу останатото беше потхранет или не доволно нотиран од меѓународниот фактор. Може лесно да се случи ВМРО полека да стивнува, а Левица да ги превземе националните прашања, оценува Есмеров.
Политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека ако политиките или програмата на ВМРО-ДПМНЕ добие легитимитет на следните избори, тогаш истата треба и да се спроведе. Тој во разговор за „Локално“ вели дека функционалноста на една демократија зависи, пред се, од капацитетот на администрацијата да ги реализира политиките кои се легитимираат на непосредни демократски избори.
-Секако, голема улога има и демократскиот капацитет на општеството за да бара одговорност од носителите на државни и јавни функции.. Во спротивно, ќе биде казнета од страна на гласачите. Значи, способноста на ВМРО-ДПМНЕ за да ја води државата е релативна и зависи од факторите кои ги спомнав, објаснува Незири.
Аналитичарот е дециден дека шредвремените избори засега не одат во прилог на ниту една политичка партија кои се дел од власта.
-Најмалку на СДСМ која, барем според анкетите, нема поддршка која може да и носи изборна победа. ДУИ има добар рејтинг, но и одговара позицијата на одлучувач за парламентарното мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ има добар рејтинг, но нема партнер кај партиите на етничките Албанци со кој ќе состави влада со стабилно парламентарно мнозинство. Јас мислам Ковачевски се обидува го мобилизира членството за редовните избори на 2024. Но, ако не успее да ги продолжи преговорите со ЕУ заради неможноста да се обезбеди двотретинско мнозинство, јас мислам дека во тој случај ќе има две опции: или влада на национално единство, или предвремени избори заедно со претседателските, оценува соговорникот.
За евентуалниот влез на Алијанса на Албанците во Влада и окрупнување на владиното мнозинство, Незири вели дека реалноста на нашата политичка сцена е таква што секоја партија, која има намера да биде дел од власта, мора да гради коалиционен капацитет во однос на партиите од, условно кажано, партиите од другиот етнички блок.
-Тоа значи дека мора да има коректна програма, коректни партнерства и секако коректен јавен дискурс за клучните теми. ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците се обидоа да создаваат една природна идеолошка соработка, која ќе биде инклузивна во однос на сите гласачи со десничарски светоглед, независно дали се тоа етнички Македонци или Албанци. Но, не успееа да создадат заедничка мобилизирачка идеја која ќе ги обедини во нивното партнерство. Соработките кои се само од прагматичен аспект, без некоја идеја или идеал, се краткотрајни и завршуваат со објавување на изборните резултати. Алијансата на крај сфати дека не може да чека цел век ВМРО-ДПМНЕ да се реформира, особено кога се во прашање односите кон клучните теми, како што се односите со Бугарија и Грција, од кои зависат евроинтеграциите. Од друга страна, БЕСА како политичка партија нема капацитет да го покрие целиот опозициски терен. Таа е сконцентрирана во Тетово, додека во другите градови или нема структури или пак е многу слаба. Ако кон оваа партија во иднина се приклучи фракција од друга партија или ново политичко движење со капацитет за политички маневар, тогаш може да имаме нов момент, наведува аналитичарот.
Според Незири, „со ваква геостратешка ориентација, Левица тешко дека може да биде дел од некоја власт“.
-Ако формирањето на идната влада би зависело од Левица, таа никогаш нема да се формира. Таа е непосакувана и од ВМРО-ДПМНЕ. Ако некоја од партиите на етничките Албанци се обиде да склучи било каква соработка со Левица, тогаш ќе треба да биде подготвена да плати дебела политичка сметка, вели аналитичарот.
Сепак, додава тој, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на избори најверојатно ќе најде коалиционен партнер, но проблемот на Мицковски е коалиционирање со ДУИ, партија која во 2017 ги однесе во опозиција со изборот на СДСМ за коалиционен партнер.
-Засега нема друг избор, освен БЕСА. Но на крајот на денот секогаш преовладува политичкиот прагматизам, при што изборните резултати ги наметнуваат и коалициите, говори Незири.
Потенцира дека Левица е партија на екстремната левица, која се служи со популистички алатки за да добие што поголема поддршка.
-Таа зборува тоа што оценува дека поголемиот дел од публиката сака да го чујат од политичарите. Во активноста на овие политички партии нема рационалност, визија, далековидост или државност. Нивниот подем, сепак, има праг. И овој тип на партии се еден вид тест за демократскиот капацитет на општеството. Иако демократијата се соочува со некој вид на криза, сепак таа е имуна од ваквите напади. Кај нас постои доволна демократска зрелост да ги држи маргинални ваквите екстремни политички појави, заклучува Незири.
Н.П.