Меѓународните напори за постигнување прекин на огнот меѓу Израел и Хамас денеска доживеаја неуспех бидејќи Израел го отповика својот преговарачки тим, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини Хамас дека ги закочи разговорите со нивните „илузорни“ барања.
Коментарите на Нетанјаху уследија неколку часа откако локалните медиуми објавија дека израелскиот лидер и наредил на израелската делегација да не ги продолжи разговорите во Каиро, предизвикувајќи загриженост за судбината на разговорите и бран критики од семејствата на околу 130-те преостанати заложници, околу една четвртина од за кои се верува дека се веќе мртви.
Роднините на заложниците изјавија дека одлуката на Нетанјаху е еднаква на „смртна казна“ за нивните најблиски.
Напорите за посредување предводени од САД, Египет и Катар се насочени кон туркање на завојуваните страни кон договор што ќе обезбеди прекин на огнот во повеќемесечната војна во која загинаа повеќе од 28.000 Палестинци, повеќето жени и деца, според локалните здравствените власти. Борбите уништија огромни делови од Газа, го раселија поголемиот дел од населението на енклавата и предизвикаа хуманитарна катастрофа.
„Во Каиро, Израел не доби никаков нов предлог од Хамас за ослободување на нашите заложници“, се вели во соопштението на Нетанјаху. „Можна промена на позициите на Хамас ќе овозможи напредок во преговорите“.
Претставниците на „Хамас“ не беа достапни за коментар, јавија американскикте медиуми.
Израелските медиуми денеска објавија дека Нетанјаху и рекол на својата делегација да не се враќа на разговорите доколку Хамас не ги ублажи своите барања.
Завојуваните страни значително се разликуваат во однос на условите на договорот. Нетанјаху вети дека ќе ја продолжи војната до „тотална победа“ над Хамас и враќање на сите преостанати заложници.
Хамас соопшти дека нема да ги ослободи сите заложници додека Израел не ја заврши офанзивата, не се повлече од Газа и не ослободи голем број палестински затвореници, вклучително и команданти на палестинското движење. Нетанјаху ги отфрли овие барања, нарекувајќи ги „илузорни“.