Украина предложи меморандум за прекин на огнот што би важел на копно, море и во воздухот, а неговото почитување би го следеле меѓународни партнери. Ова го објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на висок украински функционер кој побарал да остане анонимен, пренесува „Киев Индепендент“.
Според украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров, документот веќе е доставен до руската страна пред втората рунда мировни преговори меѓу Киев и Москва, кои се очекува да се одржат на 2 јуни во Истанбул. Украина и нејзините сојузници долго време бараат сеопфатен и безусловен прекин на огнот кој би траел најмалку 30 дена, на сите фронтови – копно, море и воздух. Сепак, Москва досега редовно ги одбивала овие предлози.
„Њујорк тајмс“ известува дека други украински функционери се сомневаат дека Русија може да постави „стапица“ со неприфатливи услови, како што е барањето украинските сили да се повлечат од териториите што Русија ги зазема. Украинските власти се плашат дека Москва би можела да ја обвини Украина за попречување на преговорите, доколку Киев одбие да прифати такви услови.
Последните преговори завршија без договор
Најновите мировни преговори во Истанбул, одржани на 16 мај, завршија без договор. Украинскиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Кислица, кој беше дел од тие преговори, рече дека руската страна категорично одбила безусловно примирје.
И покрај зголемените воени напади, Москва предложи следната рунда преговори да се одржи на 2 јуни. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на 29 мај изјави дека руската делегација, предводена од Владимир Медински, е подготвена да достави меморандум за прекин на огнот и да даде појаснувања на состанокот во Истанбул. Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, рече дека Украина е подготвена за нови преговори, но инсистира меморандумот однапред да биде разгледан.
Кои се условите на Русија?
Според агенцијата Ројтерс, Владимир Путин поставил неколку услови за крај на војната, вклучувајќи писмена гаранција дека НАТО нема да прима нови членки од Источна Европа, укинување на дел од санкциите и неутрален статус на Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да коментира за условите за прекин на огнот, велејќи дека тоа ќе биде тема на доверливи разговори. Украинскиот портпарол за надворешни работи, Георги Тихи, истакна дека одбивањето на Русија официјално да го достави меморандумот покажува дека тој содржи нереални барања и е обид да се одложи мировниот процес.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, нагласи дека Киев е подготвен за новите преговори, но сè уште чека Москва да го достави ветениот текст на меморандумот.