Американскиот производител на лекови „Фајзер“ се пожалил на кршење на доверливоста откако една политичарка во Белгија ја објавила цената на дозата на вакцина против ковид 19, што таа земја ја нарача, пишува белгиски весник.
Белгискиот државен секретар Ева де Блекер на Твитер објавила табела со бројот на дози и цената на секоја доза на секоја вакцина, по триесетчасовна расправа за белгискиот буџет во парламентот, пренесува Ројтерс.
После тоа, таа го избришала својот твит.
„Фајзер“ и неговиот германски партнер „Бионтек“, чија вакцина против Ковид-19 е прва одобрена од западните регулатори, се меѓу добавувачите за ЕУ, вклучително и Белгија.
Елизабет Шрепен, портпарол на американскиот производител на лекови за земјите од Бенелукс, за белгискиот весник „Соар“ изјавила дека објавувањето на деталите претставува кршење на доверливоста.
„Овие цени се опфатени со клаузулата за доверливост во договорот со Европската комисија“, изјавила Шрепен.
Табелата објавена од Де Блекер покажува дека белгиската влада платила 12 евра по доза за да купи околу пет милиони инјекции од вакцината „Фајзер“ / „Бионтек“.
Извори запознати со ова прашање за Ројтерс изјавија дека ЕУ се согласила да плати 15,50 евра по доза за истата вакцина.
Белгиската цена не влијае на неповратните исплати од стотици милиони евра што ЕУ им ги даде на многу производители на вакцини со цел да им се обезбедат дози, изјави еден претставник на ЕУ за Ројтерс.
Владите на ЕУ го плаќаат остатокот кога ќе ги добијат своите дози.
„Не можеме да кажеме ништо за овој случај, сè што е поврзано со вакцините и цените е опфатено со клаузули за доверливост, во интерес на општеството, а исто така и во интерес на тековните преговори“, изјавил портпаролот на Европската комисија на денешниот дневен брифинг.