Премиерот Заев на средба со Гнатовски

251 прегледи

Премиерот Зоран Заев оствари средба со Никола Гнатовски, инаку претседател на Европскиот комитет за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, соопштија од Владата.

На средбата бил поздравен новиот мандат на премиерот Зоран Заев и биле изразени очекувања за успех на европските перспективи на нашата држава.

„Констатирано е дека Република Северна Македонија е „успешна приказна“, бидејќи изминатите три години има направено прогрес во многу области на патот кон усогласувањето со европските стандарди и дека премиерот Заев и Владата прават видливи напори за значителни исчекори и во делот на заштитата на човековите права и владеењето на правото“, пишува во владиното соопштение.

Инаку, Заев потенцирал дека Владата работи на европеизација на нашата држава, како на планот на евроинтеграциите, така и на создавањето европски услови за работа и квалитет на живот дома.

„Фокусирани сме на заштита на здравјето на граѓаните, но и на напредок во другите области, а меѓу нив е и подобрувањето на условите во затворите и напредок, натамошно унапредување на заштитата на човековите права“, посочи премиерот.

Исто така на оваа средба поздрав добило зголемувањето на платите на вработените во затворите, а се разговарало и за важноста од унапредувањето на условите за заштита на здравјето на лицата во затворите, за што е определена Владата, како и за планот реконструкција на неколку затвори во земјава, меѓу кои се и затворот во Идризово и Истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари.