Препукувања и надвикувања на комисиската расправа по Предлогот за прераспределба на буџетските средства

од Radmila Tasevska
187 прегледи

Пратениците од власта и опозицијата, попладнево, во рамки на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, најпрво ги спротивставија ставовите околу Предолог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници, а потоа расправата ја сведоа на препукувања и надвикувања. Првите, бранејќи го Предлогот, потсетија дека по доаѓањето на власт, СДСМ и коалицијата прво морале да ги отплатат долговите што ги оставила зад себе ВМРО-ДПМНЕ, а буџетските средства кои од тогаш ги проектираат и кои се всушност народни пари, повторно ги враќаат назад, кај граѓаните, преку капитални инвестиции, но и преку вложувања во човечки капитал. Вторите, пак, обвинија дека актуелната Влада од 1 јуни 2017 година до денес има потрошено 24,6 милијарди евра и притоа нема, како што рекоа, направено ниту еден метар автопат, ниту една брана, ниту клинички центар, ниту општа болница и ниту едно училиште.

-Владата не успеа да ја заузда инфлацијата, а се прават и промашувања во капиталните инвестиции. Експозето на министерот за финансии беше бледо и квази. Тој знае дека тоа што го пишува тука едно со друго не оди, знае дека нема економска логика во ова што се предлага, дека прв пат во историјата на државата се заобиколуваат Собранието, отчетноста и транспарентноста во трошењето на парите па се оди со три дена дискусија и веднаш обид за гласање. Државата ја направивте загубар, никогаш во историјата не сме имале вакви задолжувања, не се трошеле вакви милијарди, а притоа да не е ниту шајка закована на територијата на Македонија. Ништо не направивте, а потрошивите 24,6 милијарди евра, економијата ја уништивте, според меѓународните организации имаме преку 33 отсто сива економија, немаме финансиски систем, повеќе од 35 000 фирми затвориле за седум години додека сте на власт, најлош БДП и најголема инфлација ќе имаме на Балканот, рече Љупчо Пренџов од ГРОМ.

Му реплицираше Жаклина Лазаревска од СДСМ, нагласувајќи дека парите од буџетите, откога е нејзината партија на власт, се трошат за поголеми плати и пензии, како и за поголеми социјални трансфери.

-Да ве потсетам, прво се враќаа долговите на ВМРО-ДПМНЕ. Го наследивме Пензискиот фонд во дупка од 500 милиони евра, а на 1 јуни 2017 година студентнтските и ученичките домови должеа 5 милиони евра. Да ве потсетам, исто така, дека во капитални инвестиции влегуват и регионалните, магистралните и локалните патишта, канализациите, водоводите, пречистителните станици за кои се овозможени средства. Многу работи се направени, но од 2017 до денес Владата инвестира најмногу во човечкиот капитал зашто лушето се најзначајни и најважни и тие треба да бидат на прво место. Во ваше време се даваа пари за стиропори, споменици, жални врби, галии, а сега се инвестира во училишта, објекти за МВР, во над 80 градинки. Тоа значи, парите од граѓаните одат за граѓаните, а не за споменици, зашто луѓето се многу повредни од брозните кои се плаќаа со милиони евра, порача Лазаревска.

Таа го замоли Пренџов да праша од името на граѓаните, како преку два милиона евра општински пари легнале на сметка на фирмата во која Мицкоски има удел, блиска до Енергомонт и Електра.

-Прашајте го Мицкоски дали е ова вистина, а ако не е, да излезе јавно да демантира. Постои хаос во главите на ВМРО-ДПМНЕ зашто не знаат кој им е претседател, дали Мицкоски или Груевски, дополни пратеничката од СДСМ.

Претходно, Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Владата, бранејќи ја Предлог-одлуката, се расфрла со бројки без никаква основа и изнесува полувистини.

-Имаме одлука, а требаше да имаме ребаланс. Не случајно ребалансот е предвиден со закон и не случајно е предвиден со процедури во Собранието. Не случајно има рокови и постапка, укажа Петрушевски.

Претседателот на Комисијата Бојан Стојаноски по два часа дискусија, ја прекина седницата, а за продолжението рече дека пратениците ќе бидат дополнително известени.

Ова беше прв ден од комисиската расправа за Предолог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници. Претпладнето, Предолог-одлуката пред Комисијата ја образложи министерот за финансии Фатмир Бесими.

Слични содржини