ПРЕСВРТ во Хрватска: Државата се жали на одлуката истополовите парови да можат да посвојуваат деца

од Vladimir Zorba
268 прегледи

Државата Хрватска ќе се жали на одлуката на Управниот суд, според која истополовите партнери имаат право да посвојуваат деца, објави хрватското Министерство за труд, семејство и социјална политика.

Наведено е дека Министерството за труд, семејство и социјална политика ќе поднесе жалба на одлуката на Управниот суд, со која се поништи одлуката на тој оддел, затоа што на животните партнери Иво Шегота и Младен Кочиќ не им е објаснето зошто не е во интерес на децата на нив да им се даде статус на посвоители.

Во соопштението на Министерството се наведува дека тие ќе постапат според секоја конечна пресуда, како и досега.

Јутарњи лист потсетува дека посвојувањето деца на геј парови ја подели Европа: либералната Западна Европа законски го овозможи тоа во последните десет години, а на истокот традиционалистичките движења во неколку земји успеаја да внесат во уставот дека бракот е првенствено институција на маж и жена и со тоа се забрануваат истополови бракови и посвојување деца.

Додадено е дека во просек 76 проценти од граѓаните на ЕУ сметаат дека хомосексуалците треба да ги имаат истите права како и другите граѓани, покажува истражувањето на Евробарометар во 2019 година.

Ова е зголемување за осум проценти во споредба со 2015 година, со голем јаз во Европа – така мислат 98 проценти во Шведска, а во Романија 38 проценти.

Во Хрватска, 44 проценти од граѓаните сметаат дека хомосексуалците треба да ги уживаат истите права како и хетеросексуалните граѓани, според Јутарњи лист.

Слични содржини